Никогаш немој да мислиш дека си ок со жена која ја имаш заебано

Хало ефект – мајката на „мислев дека е добар“

Хало ефектот е нашата омилена психолошка лага со убаво пакување. Тоа е она чувство кога сами се манипулираме себе си, мислејќи дека е интуиција, а интуицијата ја мешаме со траума или блага параноја. Хало ефектот работи побрзо. Го гледаш човекот, уште не сте се запознале добро, а ти веќе знаеш дека е „добар“, „искрен“, „различен од другите“ и веројатно некаде во себе носи нежна душа што само чека да биде разбрана. Интуицијата во тој момент скромно крева рака и вели: „Извини, ама нешто не ми се свиѓа.“ А ние ѝ одговараме: „Ќути, на сите маани им наоѓаш“. Една привлечност и веднаш заклучуваме дека личноста е добра, емотивно зрела, лојална и веројатно неправедно неразбрана од бившите. Немаме докази, ама имаме чувство. А чувството, секако, мислиме дека е интуиција. И тука се сопнуваат и најдобрите бидејќи се убедени дека прават добра проценка на луѓе и не се ни сомневаат дека хало ефектот е дојден, раскомотен и почнал да си работи.

Интуицијата, пак, е досадна. Таа не вели „ова е љубов“. Таа вели „нешто не ми се вклопува“. И токму затоа не ѝ веруваме. Затоа што хало ефектот зборува како роман, а интуицијата како правна напомена со ситни букви. Ја игнорираме интуицијата бидејќи ни ја крши сликата на идеализација и сметаме дека е само одраз на негативни искуства од порано. Не е.

Хало ефектот: „Толку е шармантен, сигурно е добар човек. Затворен е, сигурно бил многу повреден и сега е претпазлив. Има самодоверба, сигурно е стабилен. Искрено делува, убаво си поминувам.“

Емпатијата: „Ако бил повреден јас ќе го излечам, сега ќе те претворам во медицинска сестра и психолог и ти ќе му помогнеш и тој ќе биде среќен”

Интуицијата: „Човеков ко малку емотивно недостапен да е.“

Ние: „Заќути. Му треба време да се опушти“

Во љубовните односи од харизма правиме карактер, од самодоверба правиме сигурност, од привлечност правиме морал. И потоа сме изненадени кога убавиот човек има грди навики, грди граници и уште погрди објаснувања. Интуицијата не нè лаже. Таа само нема ПР тим и убав маркетинг.

Хало ефектот ни продава идеја. Интуицијата ни дава податоци. Ние ја купуваме идејата и ги игнорираме податоците. Психолошки генијално. Емоционално катастрофално.

„Не знам зошто, ама нешто не ми штима…“
Тоа е интуицијата.

„Ама тој е толку фин…“
Тоа е хало ефектот.

И потоа, кога ќе дојдат манипулации, емоционална недостапност, исчезнувања, лаги или двојни стандарди, ние не велиме „интуицијата ми кажа“, туку „не можев да знам“.Можевме. Само не сакавме.

Хало ефектот: „Ми се свиѓа колку внимание ми посветува, сака да споделува со мене работи во текот на денот, ми пишува, ми се јавува, баш како што ми треба. И се гледа дека му е убаво. Одамна не сум се чувствувала вака, ова е тоа што ми треба.”

Интуицијата: „Премногу добро за да биде вистинито. Ова е love bombing.”

Ние: „Не е, знам да препознаам love bombing, не е ова тоа.“

Интуицијата: е тивка, упорна и нелагодна, не звучи романтично, не те тера да се заљубиш, туку да анализираш, не ти дава приказна, туку сомнеж.

Хало ефектот е возбудлив, самоуверен и убав, ти дава сценарио со среќен крај, ги брише црвените знамиња со филтер, те убедува дека претеруваш со негативности. Ако нешто те вознемирува, а ти веднаш бараш оправдување — тоа не е интуиција, тоа е хало ефект што те убедува да молчиш.

Мал, непријатен заклучок

Во релациите со луѓето не страдаме затоа што немаме интуиција. Страдаме затоа што ја игнорираме — во корист на убаво спакувана заблуда.

Интуицијата не те спасува од болка. Те спасува од продолжена болка.

Хало ефектот не те лаже. Тој само ти кажува тоа што сакаш да го слушнеш.