Напни ме уште малце па да си го прославиш големиот празник Инојавление

Хемиски пилинзи за дома

И кој како делува

Негата на лицето или како што модерно ја нарекуваме скинкер (skincare) зема јак залет, а козметичките производи ни се лесно достапни и тоа по прифатливи цени и навистина висок квалитет. Со тоа, веќе одамна нема потреба да одиме на козметичар за едноставни интервенции како што е хемискиот пилинг за домашна употреба.

Механичкиот пилинг е оној што го знаеме, во гелна или кремаста структура има поситни или покрупни гранули кои ја „гребат“ површината на лицето за да го исчистат од нечистотии и да им помогнат на порите да се ослободат ако се затнати. Порано може хемискиот пилинг беше нешто што не се правеше по дома, но веќе излегоа толку многу производи за третмани во домашни услови, а тогаш дојде прашањето: Кој за што е, како се користи и како делува?

Па, да видиме:

  1. Ензимски пилинг

Наменет е за многу чувствителна кожа, а како активатор на ензимите се користи основа од вода. Тие ензими го „топат“ слојот мртви клетки што сите го имаме на кожата, делувајќи навистина површно, а по измивањето останува обновената кожа која е спремна да нанесете серум или крема според потребите. Значи, ако имате пречувствителна кожа, ензимските ексфолијанти се тоа што ви треба.

  1. Алфа-хидроксилна киселина (AHA)

Особено е добра за сува кожа. Повеќе киселини спаѓаат во оваа AHA група, меѓу кои најкомерцијална е гликолната. Сите се растворливи во вода, што значи нема алкохоли и други хемикалии за активирање кои може дополнително да ја иритираат кожата на лицето. Функционира на ист начин како ензимите, го разградува мртвиот слој и дозволува до израз да дојде нежната и здрава кожа. За уште подобри резултати, правете го ова на дерматолог, бидејќи тие работат со поконцентрирана АHA, која продира подлабоко во подолните слоеви на кожата.

  1. Бета-хидроксилна киселина (BHA)

BHA се користи на многу мрсна кожа која е склона кон акни. Во основа е салицилна киселина, која продира во порите и активно ги прочистува и разградува навлезените нечистотии, дозволувајќи таканаречените црнки полесно да излезат, а воспалените акни да се смират. Со регуларна употреба спречува поворно затнување на порите. Може да почувствувате чешање или да се појави црвенило, но тоа е очекувано.

  1. AHA-BHA – комбинација на претходните две

Постојат пилинг-раствори кои ги комбинираат најдобрите ефекти на AHA и BHA. Најчесто преовладува алфа-хидроксилната во овој случај, делувајќи помалку агресивно врз кожата, а BHA дозволува длабинско ексфолирање на порите. AHA-BHA во исто време се бори и против дисколорации, но и ги израмнува првите брчки. Активно делува и врз акните и порите.

  1. Полихидроксилна киселина (PHA)

Според својствата е доста слична на AHA, притоа изедначувајќи го тенот на лицето и подобрувајќи ја текстурата на самата кожа. Со ова, секоја крема или серум од вообичаената рутина ќе навлезе подлабоко во долните слоеви на кожата, спречувајќи шеќерите кои ги внесуваме преку исхраната да ги заслабнат молекулите на колагенот, а со тоа и да се намали еластичноста на кожата на лицето.

Она што треба да го запаметите за домашните хемиски пилинзи и да го знаете како „Оче наш“ е дека секогаш, на секое излегување, дури и на тераса, морате да користите соодветна крема со заштитен фактор, бидејќи овие киселини не „одат“ рака под рака со УВ-зрачењата на сонцето. Пред да изнакупите куп производи за нега, мора да истражите кој е што, а со тоа и да изберете токму она што ви е потребно, без да ризикувате да ставите нешто на лице кое ќе направи поголема штета од корист.