Понекогаш ми е криво што секогаш сум во право

Високи штикли и термо чорапи

се вртам ако треба и по сто пати...

Штикличињата не биле секогаш само за жени. Првите се претпоставува дека биле од Персија ама и Египет исто ја следеле модата. Она што го тврдат модните историчари е дека штиклите почнуваат да се произведуваат некаде во 15ти век кога луѓето патувале со кочии. Кочијашите за да не им се лизга ногата од седлото имале чевли со штикла за да се заглавува. Како денес ние што си ја заглавуваме на шанк столица да ни се одмори ногата. Или можеби само јас правам така, не знам небитно, да се вратиме на ова…Во тоа време штиклата била некои 3 см, после почнале да ја издолжуваат па да ја стилизираат и на крај не ја користеле веќе. Но на аристократите им се засвиѓал трендот бидејќи биле повисоки и пограндиозни на штикли па си ги носеле по дворовите. Машките штикли на крајот на 16ти век веќе стигнале до висина на 6 до 9 см. 9 см е сериозна висина на штикла, сега вака ко ќе замислам….

Жената на грофот Орлеан во 1533 година од нејзиниот чевлар побарала да и направи женски штикли кои ќе бидат убави и притоа ќе ја направат повисока. И тој и направил дрвени штикли на платформа. Гарант не личеле на денешниве платформи што повеќе личат на чекан во случај да падне сликата во кафаната да ја средиш шајката или уште пострашно оние со проѕирна платформа што не знаеш штикла ли е аквариум ли е…значи и направил убави дрвени штикли на платформа.  Така штиклите почнуваат да стануваат симбол на аристократијата во Франција и нормално тоа се проширило секаде како симбол на богатство и престиж и траело и 17ти и 18ти век.

Негде после Француската револуција, поради класни разлики штиклите малце ги смениле со рамни чевли. Како балетанкиве со пуфче можда. Ама средината на 19ти век се враќаат штиклите и тоа само кај жените, мажите веројатно рекле „не ти се качувам јас на штикли, кичма ме боли, што сака нека биде“. И така жените си ги превземаа штиклите и сега се дел од секој женски плакар.

Штиклите денес може да ги комбинирате за секоја потреба, да изгледате поелегантно, повисоко, имаат и голема улога во алтернативната медицина од  типот „ме боли глава ќе одам да си купам штикли“, во транспортот „ми отиде цела плата по штикли“, постојат жени што имаат хоби да купуваат штикли па кога ќе одите кај нив мислите дека влагате кај стоногалка…штиклите денес имаат голема примена во секојдневниот живот на жените. Лобутинките се едни од најубавите, а има и такви што си ги фарбаат црните штикли со црвено од доле за да изгледаат ко Лобутин ве молам вие немојте да го правите тоа.

Најпознати штикли во светот на филмот се црвените чевлички на Дороти од Волшебникот од Оз. Нас можеби најмили ни се оние на Кери Бредшо, Маноло, што ги редеше по рафтовине и никогаш не сфатив како она со хонорар за колумнист имаше такво станче и штикли ама ок сеа нејзина работа да не и се мешаме.