Луѓето кои се дружат со мене само од интерес има големи шанси да видат колку сум интересна

Да се откажеш понекогаш е победа

Зошто се бориме кога знаеме дека не оди?

Секој од нас барем еднаш во живот се има борено за нешто што не вредело: врска, пријателство, нарушени семејни односи, работно место, зацртана цел од детство… Дури и кога сме гледале дека не иде, ни велеле дека ако сме се фатиле за оро треба да го доиграме, односно да го реализираме тоа што сме го намислиле.

Па така, имаме луѓе несреќни на лошо, ама па добро платено работно место, знаете, битно да се пријавени, осигурани, па нека трпат мобинг. Потоа, во лоши бракови, се земале, па што ќе речат другите ако се разделат или разведат. Заглавиле на факултет, но упорно се влечат несреќни, наместо да го сменат смерот или струката и да бидат задоволни со постигнатото. На крај, што сме добиле? Гушење во сопственото незадоволство, иако теоретски сè ни е погодено.

Она што мораме да го научиме е дека кога сме свесни дека залудно трошиме време, емоции, па дури и пари на нешто, никогаш нема да бидеме среќни. Затоа, нормално е еднаш да се обидеш да спасиш врска, пријателство, работно место, што и да е. Но, кога гледаш дека залудно се вложуваш себе, сфаќаш дека таа борба е еднострана и дека ниту ти носи среќа, ниту ти е пријатно, ниту убаво. Точно е дека сме читале дека не треба да се откажуваме и дека предадена борба е изгубена борба, но време е да отвориме очи и да се свестиме дека немаме десет животи на располагање па на сè да даваме милион шанси и да се бориме до недоглед.

Најтешко во живот е да одлучиш кој и што ти е вишок. Отстапувањето од навиките и рутините уште повеќе. Откажувањето од нешта што ве прават несреќни не е знак на слабост, туку баш напротив, свесно го правите тоа и се впуштате во потрага по нешто друго што ќе ве исполнува. Секој има граници на толеранцијата, некои дури и попуштаат далеку зад нив. Компромисите се сосема нормални и очекувани од секој разумен човек, но тоа не значи дека секогаш вие треба да ги правите. Не ги учете другите дека попуштате, бидејќи додека да се свестите, веќе ви се качиле на глава.

За успешно да се изборите со ваквите ситуации треба да научите да проценувате кој вреди да остане во вашиот живот, а кој не ви треба. Постои разлика меѓу личност со тежок карактер кој го толерирате затоа што самиот човек вреди и личност која само труе, но мора да ја трпите затоа што така ви налага семејството, работата, пријателските односи, замислените норми кои си ги наметнуваме…

Значи, да заклучиме:

-Ако некој е веќе во твојот живот, а не му е местото таму, тогаш ослободи се од него.

-Не му го должиш своето време на никого.

-Не си должна ниту да бидеш вмешана во непотребна драма.

-Немаш потреба да бидеш на места кои не ти се допаѓаат, со луѓе кои прават да се чувствуваш мизерно.

-Откажувањето од некого не те прави лоша личност, ниту себична, ниту неблагодарна.

-Дозволено ти е да избришеш сè што ти предизвикува лоши чувства и несреќа, на сметка на одењето напред со крената глава.

– Да се откажеш од нешто што не оди не е пораз туку победа