Слава – пола земи си уште, пола ништо не касна

Бјути грешки, на едно место

Познати и непознати

Некои од грешките на кои ќе ве потсетам веќе ги знаеме, некои ми беа нови и мене, а некои сум ги правела без да знам дека се всушност грешки.
Нема да должам многу, ама ќе почнам со пиење кафе или сок наутро, па миење заби отпосле. После будење, мора да се измијат забите. Мора. Веќе е доволно кисело во устата, па не треба да го дополниме тоа со кафе или сок, па да се оштети површината на забите. Затоа, измијте ги, за да си го ресетирате на некој начин организмот, па потоа внесувајте храна и пијалаци.
Непиење вода кога пиете алкохол. Алкохолот ни го дехидрира организмот, а со тоа и лачењето плунка во устата, а знаеме дека таа има заштитна улога за забите. Ако ни е сува устата, а продолжиме да пиеме алкохол, не само што дополнително дехидрираме, туку повторно си ги оштетуваме забите.
Има разлика меѓу дезодоранс и антиперспирант и добро е да ја знаете. Дезодорансите не го спречуваат потењето, туку развивањето непријатен мирис. Антиперспирантот делумно ги затнува порите и жлездите за да се намали потењето. На вас е да одлучите што ви одговара повеќе.


Ја миете косата пречесто или преретко. За права коса со средна должина и нормална густина препорачливо е да се мие на секои 3-4 дена, бидејќи ако ја миете почесто стимулирате мастење. Оние со густа коса може да си дозволат да почекаат и 5-6 денови. Ако имате специфична коса во каква и да е смисла, рутината ви ја одредува фризер.
Регенераторот е исто така важен чекор, иако на оние со права и тенка коса им се чини дека не е потребен. Сепак, треба да знаете дека се нанесува од половина должина кон врвовите, а не на коренот. Со прсти расплеткајте ја косата за да може да биде третирано секое влакно. По некое време се плакне.
Пливање во базен со фарбана коса е грешка. Поради хлорот, може да се случи опаѓање на бојата, особено црвената. Ако пак имате бланширана коса, ризикувате да ви добие зелен отсјај. Решението е да ја соберете убаво или пак да ја наводените со вода од чешма, за помалку да апсорбира хемикалии.


Триењето лице со крпа е исто така грешка, особено ако претходно сте користеле пилинг со гранули или некое средство со абразивно својство. Користете нежни чистачи за лице со поголема моќност, прескокнете ги оние со алкохол, а по миењето, наместо да триете, лицето истапкајте го со памучна крпа, за водата да се впие во неа.
Користите обичен сапун или гел за туширање на целото тело, а не треба да го правите тоа. За интимна нега си има посебни производи, за коса исто така, како и за секој дел од телото кој ви е почувствителен или имате одреден проблем со кожата.
Правите нешто од ова? Јас си се пронајдов во некои и апсолутно никогаш не е доцна да ги поправите грешките кои сте ги направиле кон себе.