Моите другарки трчаат на кеј само јас трчам у кафана!

Можеш ли да си погодиш пудра онлајн?

Дури и ако во живо ја промашуваш

Цела година сме во пандемија, не се шминкаме секој ден бидејќи нема потреба, па веројатно производите кои веќе ги имаме се со поминат рок и неупотребливи.

Сепак, не е исклучена шансата баш од утре да ви притреба добра пудра која ќе ја надополни негата на кожата. Во повеќето парфимерии веќе нема тестери кои се допираат со раце и се размачкуваат на кожата, па сето тоа наведува дека можеби ќе треба и нијансата да ја бираме споредувајќи со боите објавени на сајтовите за нарачка.

Од една страна, описите веќе се толку добри и детални што можете со голема прецизност самите да си изберете нијанса без да ја испробувате, особено ако брендот веќе ви е познат. Но, пред сè, потребно е да ја разберете својата кожа, каква е нејзината боја и кој тон (топол, неутрален или ладен) преовладува.

Значи, не е доволно да знаете дека имате светол, темен или среден тен. Сигурно сте забележале дека ако имате светла кожа, не секоја светла пудра ви одговара. Иако изгледа како некоја комплицирана наука, сепак можете да си ја погодите без да изгледате како да се триеле на лицето ќерамида или како да сте намачкале паштета, бидејќи тоа веќе одамна не е кул (никогаш не ни беше, ама добро).

Најлесниот начин е да проверите видливост на крвните садови во делот на слепоочниците и вратот. Ако се изразено сини, тогаш вашиот тон е ладен, но ако изгледаат зелено, тогаш имате топол тон на боја на кожа. Ако изгледаат сиви, тогаш сте неутрален тип. Исто, ако лесно добивате тен кога се сончате, тогаш имате неутрален до топол тон, а ако лесно горите и црвенеете, тогаш е повеќе накај ладен. На пример, доколку забележувате жолт тон на вашето лице, не избирајте пудри со розов тон, бидејќи според она што сме го учеле на ликовно, ќе изгледате портокалово, и обратно. На премногу бел тен, овие бои само дополнително ќе се потенцираат, а целта не е од километар да се гледа пудрата.

Во описите на овие производи секогаш ќе забележите зборови како „додава свежина“, „го осветлува и изедначува тенот“, „високо ниво на покривност со мала количина“ и тоа, кај релевантните професионални брендови е сосема коректна насока што ви треба. Некои од нив имаат и квизови со кои ќе откриете што ви треба. Секогаш можете нијансите да ги споредувате со ваша фотографија сликана на дневна светлина, најдобро од денес, за да може споредбата да биде точна.

Но, ако сепак не ви се експериментира, секогаш можете да играте на сигурно и да користите производ од вашиот омилен бренд, со истата нијанса како и досега. Ако ви се прави промена, изберете ја истата нијанса, но од друга линија. Експериментирањето секогаш можете да го оставите за пост-ковид периодот, доколку не сте сигурни во изборот.