Знам да изглумам “ништо не ми е” за Оскар!

Колаж хартија, напредно ниво

Нешто многу појако од на ликовно

Ги памтите часовите по ликовно кога ни беше јако да си сечкаме колаж хартија, да промашуваме форми, да пробуваме да ги средиме, па тоа да го залепиме на лист од блок број 3 и мислевме дека сме уметници?

Е па Клер Борш од Берлин е од оние кои сигурно уште во тоа време имале талент, но и покажале значаен интерес од хартијата во боја да создава уметност – во права смисла на зборот. Со помош на овие парченца хартија, умешно споени, Клер создава цели шуми и џунгли, а повеќедимензионалноста на изведбата дава чувство како да сте навистина во таа прекрасна природа.

Нејзина инспирација е Бразил, каде таа живеела подолго време, а најомилени спомени ѝ се прошетките во бразилските прашуми, реките, океанот, што е во целосна спротивност на модерните градови полни со огромни градби и обоени во темно сиви тонови.

Некои од елементите ги црта сама, други ги сече од фотографии (користи само open source архиви), а голем дел од ефектите ги постигнува со слоевито градење на композицијата. Притоа, секогаш се консултира и со научници и познавачи на природата, за да може верно да ги пренесе сите овие прекрасни креации.

Истовремено, целта на нејзините уметнички проекти е да покрене свесност во еден од најгорчливите проблеми на денешницата – спас за животната средина и зачувување на биодиверзитетот на Земјата.