Му се јавуваш на шефот и му викаш шефе јас денес ќе спијам од дома

Како да мирисате најубаво?

Изберете парфем баш за себе

Кога ќе влезеш во парфимерија од една страна ти се смешка Dior, од друга Armani, таму некаде се и Prada, Hermes, Guerlain, буквално илјадници различни, а треба да го најдеш тој еден (или тие неколку) што ќе можеш да ги износиш оваа есен.

На прв поглед нè привлекуваат боите, дизајните на кутијата и шишето, како и самата презентација, а потоа почнува интересниот дел, мирисите. Секој од нас има различен вкус, но и различен нос. Многупати она што ми се допаѓа мене, на некоја другарка не ѝ е баш погодено, но и исто така се случува нешто да ни мириса убаво кога од шише, а на кожа да биде друга приказна.

Затоа треба да се тестира. Но, најпрво треба да си ја осознаеме хемијата на кожата, бидејќи не секоја ги „трпи“ парфемите на ист начин.

Па така, за масната кожа која е склона кон создавање акни и пречесто мастење, најпрво е важна хидратацијата, но тоа е сега друга тема. Тешките парфеми со голема концентрација на мирисни масла може да бидат преинтензивни на вас, па или нанесете помала количина, или бидете среќни што можете да користите и тоалетни води со полесна композиција и тие да проектираат навистина добро и да бидат трајни, нешто што луѓето што имаат сува кожа не можат.

Оние со сува кожа имаат проблем со природната хидратација и нивната кожа ќе ги впие мирисните масла. Трајноста на парфемот ќе ја продолжите ако нанесете хидратантна крема со повисока концентрација на масла, без мирис, а врз тоа вашиот парфем. Добро решение е ако го носите и со себе, за да можете да нанесувате повторно ако е потребно. Ако користите лосион за тело со истиот мирис исто така ја продолжувате трајноста за некој час.

Во ова многу ќе ви помогне и консултацијата со професионален продавач во парфимеријата. Тие најдобро ќе ви објаснат кои парфеми содржат повеќе екстракт, а кои помалку, но и основни трикови како околу себе да ја имате посакуваната аура. Јас би ви препорачала и нанесување на пулсирачките точки на вашиот врат, деколтето, зглобовите, но и внатрешниот дел од лактот, па дури и едно прскање на тилот, каде што започнува косата. Со малку повеќе внимание, ќе успеете да имате трајност каква што посакувате.