Пораснавме па дознавме дека најдобрите игри се играат зад грб

Немам што да облечам

Имаш плакар што не се затвора од алишта, ама ти стоиш пред него како да бараш инспирација, a не комбинација. Го гледаш и си викаш „ништо од ова не ми одговара“, како да не е истиот плакар од вчера кога баш од таму излезе облечена како нормален човек.

Проблемот не е што немаш што да облечеш. Проблемот е што ништо од тоа не одговара на твоето денешно „не знам што ми е“. Го гледаш фустанот што го купи за некој настан што никогаш не се случи. Во моментот кога го купуваше, имаше визија: ти, средена, самоуверена, со планови. Сега само стои таму и те потсетува дека си купила облека за нешто што не испаднало по планот па и не ти е баш нешто по ќеиф сега. Потоа ги гледаш фармерките што ти стојат совршено. Објективно — топ. Субјективно — денес не ти се баш „топ“. Денес ти се постои без очекувања и одеднаш аутфитот ти изгледа како обврска.

Па ја пробуваш онаа комбинација што секогаш собира комплименти. Ја облекуваш, се гледаш во огледало и сфаќаш дека да, изгледаш добро… ама не ти се игра таа улога денес. Немаш енергија за „верзијата од себе што добива комплименти“. Денес си повеќе „оставете ме на мир“ со малку „да изгледам пристојно ако веќе морам“.

И тука почнува циркусот: облекуваш, се гледаш, се нервираш, се соблекуваш. Повторно. Секој аутфит е или „претерано“, или „недоволно“, или „која сум јас со ова?“ или „рацете ми се здебелени“ или „што ми е со стомаков“… Во еден момент веќе не бираш облека, туку се обидуваш да пронајдеш слика што ти е поднослива за денес.

И нормално, завршуваш во истото. Некоја сигурна комбинација што не бара многу размислување и не поставува прашања. Не е најдобра, не е најлоша — ама е доволно неутрална да не те нервира.

Затоа што вистината е малку безвезе: плакарот ти е полн со различни верзии од тебе. Амбициозното ти, социјалното ти, самоувереното ти, експерименталното ти… и она реалното ти што денес само сака да го помине денот без да прави егзистенцијални одлуки пред огледало. И кога тие две работи не се поклопуваат — нормално дека „немаш што да облечеш“.

Не затоа што нема облека, туку затоа што нема точна верзија од тебе за тој аутфит денес. А плакарот ќе си стои полн со потенцијал и мали заблуди. И ти утре пак ќе кажеш: „Немам што да облечам.“ И пак ќе биде точно. На свој начин.