Ко ќе почне да ми се понаша детски си викам ај у петок може ќе ме однесе у игротека на тобоганчето да ме запознае со другарите!

Еднаш ја украдоа Мона Лиза и баш Пикасо го апсеа

Ја заследив веста за кражбата на сликата на Пикасо „Still Life with Guitar“ (на шпански Naturaleza muerta con guitarra) од 1919 година. Сликата е со осигурителна вредност од 600 000 евра, 12,7 × 9,8 см, техника гваш и молив на хартија. И не е ова прва кражба на дела на Пикасо, има неколку. На пример, „La Coiffeuse“ (Фризерката), насликана околу 1911 година, кубистички период е украдена од депо на Музејот на модерна уметност во Париз во 2001 година, а пронајдена дури во 2014 во пратка од Франција до САД, обележана како „crafts gift“ со вредност од 37 долари. „Buste de Femme“ (Биста на жена), насликана во 1938 година, украдена од Катар во 2017 година додека била на привремена изложба во Париз. Не е сигурно дали е пронајдена, случајот уште се истражува. „Le Pigeon aux petits pois“ (Гулаб со грашок), насликана во 1911 година, исто така кубистичко дело, украдена од музејот во Париз во 2010 во познатата кражба од пет слики (вредност 100 милиони евра). Крадците рекле дека ја фрлиле во ѓубре, но тоа никогаш не е потврдено. Ова се смета за најверојатно засекогаш изгубено Пикасово дело.

Ме потсетија кражбиве да ви раскажам една случка поврзана со Пикасо. 21 август 1911 година, понеделник, рано по ладот. Лувр е затворен за посетители. Во музејот влегува човек во бела работничка униформа, еден од оние што обично чистат и преместуваат слики. Никој не се сомнева во ништо. Тој човек е Винченцо Перуџа, италијански стаклар и дрводелец кој работел во Лувр неколку месеци претходно, токму на изработка на стаклени заштити за делата. Го познава музејот совршено. Перуџа влегува во музејот наутро, кога нема никој, оди до салата каде што виси „La Gioconda“ (Мона Лиза), ја симнува сликата од ѕидот, ја вади од рамката, ја завиткува и ја става под белата униформа. Лабаво скроз си излегува од музејот низ странична врата, како ништо да не се случило.

Следниот ден, уметници дошле да ја видат сликата и забележале празен ѕид. Прво мислеле дека е однесена на фотографирање. Кога сфатиле дека нема запис, Лувр бил затворен шест дена, а париската полиција подигнала аларм во цела Франција. На лице место ја нашле рамката и стаклото, фрлени во едно скалиште, значи официјално, сликата е украдена. Хаос и масовно лудило. По исчезнувањето на „Мона Лиза“, полицијата е во паника — Лувр е обезличен, новинарите пишуваат за „најголемата културна срамота на Франција“, а јавноста бара виновник.

Француската полиција решава да ги испита уметничките кругови во Монмартр, бидејќи таму веќе имало познати случаи на крадени антички артефакти и трговија со уметнички предмети од музеите. Гери Пјере, бил шармантен ситен крадец кој работел кратко време во Лувр. Овој Пјере крадел мали антички предмети (глави од статуи, идоли, релјефи) и ги продавал. Таква тиква бил што кога ќе украдел нешто се фалел на сите страни, па не му било тоа доста туку земал пишал писмо на некој тогашен весник каде признава дека знае како може да се украде дело од Лувр и дека има „пријатели уметници кои поседуваат украдени предмети“. Го собрале, раскажал све што знае и не знае и ги спомнал Пабло Пикасо и Гијом Аполинер. Аполинер бил познат поет, интелектуалец и пријател на Пикасо до крајот на животот, ексцентричен, бунтовен, и доста провокативен човек.

Двајцава во комбинација биле најконтроверзниот тандем во Монмартр, авангардисти познати по провокации. Они биле тие што не ја сакаат традицијата, што се смеат на академијата и што сликаат жени со три очи. Пикасо тогаш имал 30 години, уште не е светски познат и е странски државјанин во Франција (од Шпанија). Кога бил доведен пред судија, Пикасо бил толку вознемирен што плачел и зборувал на шпански, молејќи да не го депортираат. Судијата, сфаќајќи дека овие имаат мали антиквитети и немаат врска со големата кражба, ги пушта и Пикасо и Аполинер. Двајцава одлучуваат да ги вратат анонимно малите крадени статуи (две мали феникиски глави) на Лувр, надевајќи се дека ќе ја избегнат вината. Овој настан, сепак, ја зацврстил мистиката околу Пикасо, како „опасен“ авангардист, уметник кој живее на раб на законот и провокацијата.

А Мона Лиза, Перуџа ја чувал во својот стан во Париз, под креветот, цели две години. Во 1913 година ја понудил на антиквар во Фиренца, тврдејќи дека сака да ја „врати дома“ бидејќи сметал дека Мона Лиза треба да припаѓа на Италија, не на Франција. Антикварот се правел дека прифаќа, но веднаш ја известил полицијата. Сликата е запленета и вратена во Лувр со огромна помпа. Перуџа добил само 7 месеци затвор, бидејќи јавноста во Италија го сметала за патриот, а не крадец.

Овој настан ја прави сликата позната меѓу народот, дотогаш била позната најмногу за уметниците, за што Пикасо иронично изјавил:

„Една кражба направи повеќе за нејзината слава отколку сите уметнички книги на светот.“