Луѓето ги делам на тие со кои сум се брукала низ град и на тие пред кои сум се брукала

Замисли да сме сите љубезни секогаш

Ако станеме екстремно љубезни со сите, тешко дека би живееле во поубав свет. Ќе создадеме општество во кое грубоста ќе исчезне, но заедно со неа ќе исчезнат и некои многу корисни човечки способности. На пример, да му кажеме некому дека е идиот и да продолжиме со животот.

Замисли да нема превртување очи, нема саркастични коментари, нема „не замарај“. Само насмевки, разбирање и едно културно „секако, нема проблем“. Звучи прекрасно. Само што по три дена веројатно ќе ни треба групна психотерапија. Замисли колку проблеми би создале со толку многу љубезност. На пример, некој ќе каже дека Земјата е рамна, а ние нема да смееме да му кажеме дека географијата не е прашање на личен вкус. Ќе му речеме дека ја почитуваме неговата перспектива.

Во меѓувреме, луѓето што имаат потреба некој да им каже „не си во право“ ќе продолжат да добиваат потврда дека се во право. Оние што немаат талент ќе добиваат охрабрување. Оние што немаат поим ќе добиваат простор. Оние што немаат основна култура ќе добиваат разбирање. Ќе создадеме цела генерација луѓе убедени дека се посебни, само затоа што никој не сакал да им ја расипе забавата со реалноста.

На работа ќе биде особено интересно. Шефот ќе ти даде задача што нема никаква логика, ќе ти го смени рокот три пати и ќе очекува да му бидеш благодарен за тоа. Ти, секако, ќе му се заблагодариш. Колегата што цел ден пие кафе ќе добие бонус за тимскиот дух, бидејќи е важно да не се повредуваат чувствата на луѓето што не придонесуваат. А човекот што навистина ја завршува работата ќе научи дека најголемата грешка му била што воопшто се трудел.

Љубезноста ќе биде особено погодна за манипулаторите. Конечно ќе живеат во општество во кое никој нема да им поставува непријатни прашања. Ќе те излажат, а ти ќе се прашуваш дали можеби не си бил доволно отворен за нивната манипулација. Ќе те искористат, а ти ќе им кажеш „повелете и друг пат“. Ќе ти ја преминат секоја можна граница, а ти ќе им ја придржуваш вратата додека го прават тоа. Не е дека немаш карактер. Само си многу воспитан да го употребиш.

Врските ќе станат бетер катастрофа. Никој нема да раскинува. Луѓето само ќе се оддалечуваат со меѓусебно почитување, додека едниот не почне да живее со нов партнер, а другиот сè уште ќе мисли дека се во фаза на личен простор. Никој нема да каже „не ме интересираш“. Ќе имаме луѓе што не можат да кажат дека некого не сакаат, но затоа ќе можат да му ги потрошат следните пет години од животот во едно културно лимбо.

И што е најлошо, никој нема да смее да каже „не“. Ќе прифаќаме сè. Покани, услуги, обврски, туѓи проблеми, туѓи мислења, туѓи деца на чување. Ќе одиме на родендени кај луѓе што не ги сакаме, ќе слушаме приказни што сме ги слушнале седумнаесет пати и ќе се смееме на шеги што не се смешни ни на авторот. Ќе станеме луѓе што се достапни за сите, освен за себе.

Најголемата иронија е што во таков свет во кој сите се екстремно фини е што еден ден ќе сфатиш дека сите околу тебе те лажеле со најубави манири. И ќе им се заблагодариш.

Затоа да се сложиме дека тој екстремно љубезен свет е супер ако е епизода од Блек Мирор и да си продолжиме да си живееме во свет каде е сосема прифатливо некому да му кажеме дека е глуп.