Манипулаторите вадат нови и рафинирани манипулативни тактики, тазе
- Во последно време, психологијата идентификувала неколку нови или порафинирани манипулативни тактики кај нарцисите и социопатите. Очигледно манипулативните тактики еволуираат и се прилагодуваат на секојдневието без разлика колку светот отишол понапред, тие се тука. Тоа е затоа што манипулаторите се секогаш во фаза на преживување, а со оглед на тоа што нивната енергија доаѓа од другите луѓе бидејќи се енергетски вампири, тие имаат природен талент да се прилагодуваат како камелеони.
Манипулација преку когнитивна емпатија. Иако социопатите имаат низок капацитет за емоционална емпатија, многу од нив развиваат когнитивна емпатија, што им овозможува да разберат туѓи емоции без навистина да ги чувствуваат. Ова им помага да манипулираат поефикасно, бидејќи можат да ги користат чувствата на другите против нив без да бидат лично засегнати од емоционалниот товар.
Софистицирано користење на вина и срам. Наместо класичното проектирање на вина, сè почесто социопатите го користат срамот на жртвата против неа. Ова обично е спакувано во едно убедување дека жртвата е неспособна или дека нема право да поставува граници, што ја прави подложна на контрола.
Поинтензивно користење на микрогаслајтинг. Наместо класичен гаслајтинг од типот „тоа никогаш не се случило“, нарцисите користат посуптилни форми, како што се мали контрадикторни коментари или несакани совети кои ја поткопуваат самодовербата на жртвата постепено.
Користење на дигитални платформи за саботажа. Со зголемената зависност од технологијата, нарцисите и социопатите почесто користат социјални мрежи за контролирање, демнење или саботирање на жртвите, вклучително социјална изолација, јавно понижување или креирање лажни наративи за жртвите.
Форсирање на конфузија како контрола. Наместо традиционалните тактики на доминација, некои социопати користат метод на „информациско преголемо оптоварување“, бомбардирајќи ја жртвата со контрадикторни информации за да ја направат несигурна и подложна на нивната „водичка рака“.
Овие тактики се постојано во еволуција, многу е важно препознавање на овие модели и градење јасни граници. Навремено детектирање на манипулатор ќе ве спаси од голема траума. За среќа, тактиките им се секогаш исти и стратегијата секогаш иста. Бидејќи така им функционира мозокот. Прво почнуваат со многу шарм и внимание за да стекнат доверба и да ја припремат жртвата.
Но, првата токсична стратегија на секој манипулатор е дехуманизација на жртвата. Тоа е првиот чекор до воспоставување контрола ама за тоа им треба некое време за да ја поминат успешно стратегијата која е секогаш еден ист патерн. Не, не го учат никаде, природно им доаѓа.
Дехуманизација од страна на нарцис или социопат значи намерно третирање на жртвата како да не е достојна, вредна или независна личност. Тоа се прави за да се контролира, манипулира и експлоатира жртвата без чувство на вина.
Стратегијата за дехуманизација:
- Обезвреднување – жртвата се гледа како објект или алатка за потребите на нарцисот/социопатот. Нема емпатија за нејзините чувства.
- Гаслајтинг – жртвата се доведува во состојба да се сомнева во сопствената реалност и перцепција.
- Објективизација – личноста не се гледа како целосно човечко суштество со емоции и потреби, туку како нешто што треба да служи или да задоволува.
- Игнорирање на болката – кога жртвата е повредена, не добива емпатија, туку или се обвинува самата, или нејзината болка се минимизира.
- Симулирана емпатија – ако покажат загриженост, тоа е само за да добијат нешто за возврат.
- Социјална изолација – жртвата се одвојува од други луѓе за да биде поподложна на контрола.
- Обесчовечување преку омаловажување – жртвата се споредува со предмети, животни или се нарекува со навредливи имиња.
Зошто го прават ова манипулаторите? Бидејќи се за жалење, а и…
…за да ја намалат чувствителноста кон жртвата и да ја користат без грижа на совест.
…за да ја одржат контролата и да ја спречат да замине.
…за да си ја оправдаат сопствената токсичност.
Има многу тактики за тоа како да се заштитите ако ви се во околина на работа или дома. Но, ако сте ги запознале некаде и не морате да ги трпите, најпаметно нешто е да се тргнете од нив бидејќи не можете да ги победите ниту да ги излечите ниту да им докажете дека не се во право ниту пак ќе извлечете каење од нивните постапки. Едноставно, излезете од аудицијата за нивната следна жртва.