Предлагам обавезен тим билдинг у секоја фирма под име “да му помогнеме на колегата да излезе од задникот на директорот”

Проект – Неиспратено

Како дел од самотерапија

Колку ли само пораки имате напишано, кои никогаш не стигнале до оној што треба да ги прими. Некогаш, ја истурате својата душа во пет реда текст, но на крај решавате сепак да не ја испратите таа содржина, да ја задржите за себе, бидејќи сфаќате дека со самото тоа што излегла од вас, веќе ви создава помалку грижи.

Некои пријателства „умираат“ од денес за утре, луѓе се откажуваат едни од други, раскинуваат, даваат отказ, отпуштени се, им пропаѓа бизнисот, мораат да избираат, но и да бидат паметни, да се заштитат себе, макар тоа значело и некој друг да го „пуштат низ вода“…

Кога е во прашање раскинување, секогаш имаме што да кажеме, без разлика дали сме личноста која раскинува или која е оставена. Овие пораки тежат, но ако ги испратиме до другата страна, тогаш може да се искомплицираат нештата и воопшто да не ни олесни што сме покажале таква слабост. Сум слушнала најразлични начини за справување со болка, без разлика која е причината.

На пример, испраќање порака кај другарка наместо кај поранешен партнер, пријател, колеги или луѓе со кои е намален или прекинат контактот. На тој начин, пораката е испратена, излегла од оној кој ја замислил и стигнала некаде. Можеби не е она што го посакувате, но барем сте поштедени од ризикот за бурна реакција, навреда или понижување од некого кој некогаш ви значел. Сум слушнала и дека во случај на смрт, кога нешто останало неискажано, помага и да се испрати мејл до оној кој веќе не е меѓу нас. Неизреченостите можат да бидат многу тешки и да го направат преболувањето речиси невозможно.

Друго нешто со кое се имам сретнато е пишување мејлови до себе и закажување за нивно праќање во иднина. Сигурно е голем предизвик после три, шест, дванаесет или којзнае колку месеци да читаш нешто што некогаш те болело и повредувало, ти создавало нервози, па сега ти е смешно, гледаш прогрес, си даваш рокови, поддршка си сам/а на себе…

Без разлика што на некого му изгледа банално, бесцелно, па дури и глупаво, факт е дека на други им помага. А, кога нешто помага, тогаш нема зошто да се срамиме. Овие пораки и мејлови носат тон емоции од кои се ослободуваме, за да направиме простор за нешто ново и поубаво. Тоа не значи дека забораваме, туку дека им дозволуваме да останат дел од нас, без да ни влијаат врз квалитетот на животот. Од овие пораки можете да зачувате копија, но можете и да дозволите да ги заборавите – сè зависи од тоа што вас ви помага и како ви е полесно.