Тргни го лицемерието да те видам убаво

Ти мислиш дека се мачкаш сегде ама не

Сонцето е тој токсичен лик што сите го потценуваат. На почеток е топло, убаво, те прави да изгледаш „glowy“, а после два саати те остава со црвени уши, изгорен нос и чувство дека кожата ти се претворила во кори за пита.

И секое лето колективно ја правиме истата работа, добро знаеме дека мора да почнеме да се мачкаме уште на почетокот на летото и одиме да купиме SPF. На лице го ставаме како да снимаме skincare routine, па ајде малку на раце, и тука завршува приказната. Остатокот од телото? Нека се снаоѓа. После сме изненадени кога имаме изгореници на места што не сме ни знаеле дека можат да изгорат.

Ушите, на пример. Луѓето буквално се мачкаат околу нив како да се музејски експонат што не смее да се допре. А баш тие горат први. Особено ако си со коса во репче или си на плажа со очила за сонце и став „мене не ме фаќа“. Те фаќа. Само подоцна ќе сфатиш.

Вратот е исто трагедија. Напред ќе ставиме SPF затоа што таму гледаме во огледало. Позади? Не баш. Очигледно мозокот има став дека ако не го гледаме делот од телото — не постои. Истата логика важи и за стапалата. Секое лето има барем еден човек што оди како пингвин затоа што заборавил да ги намачка горните делови на стапалата во папучи.

Дланките исто — SPF ставен сабајле, после 17 миења буквално се магнет за UV зраци.

И усните. Никој не мисли на усните додека не проба да јаде нешто кисело и сфати дека некои грешки болат. Ама затоа имаме 14 lip oils, 6 gloss-ови и еден балсам со SPF што стои затворен од 2022.

Најиронично е што луѓето ќе инвестираат богатство во skincare routine, серуми, колаген, anti-aging креми и facial massage rollers, а деколтето ќе го остават да старее како кожно седиште во кола. Буквално постои цела генерација што има baby face и neck of experience.

И не, „ама јас само кратко излегов“ не е аргумент. UV зраците работат цело време. Не ги интересира дали си на плажа, на кафе или само до маркет. Сонцето нема пауза. Само ти имаш лажна самодоверба. Затоа ова лето, освен лицето што го мачкаш со прецизност на ренесансен сликар, сети се и на ушите, вратот, усните, деколтето и стапалата за да не одиш по кисело млеко.