Све што е убаво кратко трае или има девојка

Феноменот наречен „гаслајтинг“

Кога некој термин од популарната култура се обидуваме да го преведеме на нашки, малку како да ја губи смислата, па затоа во продолжение ќе користам гаслајтинг, што е едно од најсуровите поигрувања со умот на другиот. Друга лоша вест е што сите го имаме направено тоа во даден момент во животот, или ни го направиле, но во не толку насилна форма за да имаме трајни последици.

За разлика од „гоустинг“ (ghosting) што е типичен за оние „заедно сме ама ништо озбилно“ врски или после дејтови или секс за една вечер, гаслајтингот може да трае подолго и да биде вршен и од интимен партнер и од пријатели и дури и членови од семејство. Кога еднаш ќе се случи, големи се шансите да се повтори, бидејќи едноставно, не забележуваме дека ни се случува. Но зошто?

Затоа што оваа тортура често доаѓа од луѓе кои ги сакаме и за кои не веруваме дека имаат капацитет да нè манипулираат. И знаете што? Експерти се во тоа. Нема ни да забележиме, ниту пак ќе остават видлива трага за да можеме да докажеме и да се спротивставиме.

Гаслајтингот е екстремна и опасна форма на психолошка и емоционална злоупотреба и многу често е и намерна, односно целта е да повреди, ама сепак постојат и оние случаи во кои насилникот несвесно го прави тоа (а во исто време и ужива, убаво му е). Најчесто ова насилство го вршат нарциси и социопати, со цел да воспостават контрола врз некого, да го збунат, до степен самиот да не може да размислува и да носи одлуки.

Од каде доаѓа овој термин?

Првпат поимот гаслајтинг е употребен по филмската адаптација на претставата „Gas Light“ од 1938, во која сопругот намерно ја излудува жена си, на пример со манипулации на осветлувањето, а притоа ѝ вели дека таа само си го замислува тоа. На овој начин, тој успева да ја убеди дека таа полудела и дека ја губи меморијата.

Во модерно време, овој поим се однесува на намерните акции на рушење на нечија самопочит и самодоверба, до степен тие да не можат веќе да бидат независни и да одлучуваат за себе, како и да бидат уверени дека не се подобни да завршат некоја работа, самите да си зготват јадење, да излезат до продавница или да решат самите дека им се пие кафе. Колку подолго е изложена, жртвата станува се помалку свесна за реалноста, ги потенцира своите несигурности и комплекси и почнува да мисли дека без својот „злосторник“ е никој и ништо и дека ѝ е потребен за да може да опстане и да функционира. Често губат и контакт со реалноста, до степен да не знаат што се случува со луѓето кои им се блиски.

И како што рековме, ова се случува и од човек со кој се во врска, ама може да си го добијат и од пријатели, браќа, сестри, родители, братучеди… Жртвите дезориентирано постојат во просторот, губат способност да ги систематизираат фактите и да донесат разумни заклучоци. Да е ситуацијата бетер, насилникот повторно ќе продолжи планирано, полека, со мали, но сигурни чекори, да си ја тера својата агенда, да ги повторува нештата, да ги извртува во своја корист. Некои одат до таму што тврдат дека нешта кои се случиле, всушност не се случиле, а тоа го прават толку сигурно и уверливо, што жртвата нема друг избор, освен да се убеди себе дека не е во право и да верува на другиот.

Како всушност го прават тоа?

Вака, правила како да малтретираш некого нема, не се учи тоа од книга. Со тоа треба да се родиш таков расипан, без трошка емпатија во себе, со ниска самодоверба и потреба да се докажуваш колку вредиш и си над ситуацијата. За нивна среќа, ама на општа жалост, овие социопати успеваат да најдат личност со полабилен карактер и разнишана самодоверба, да направат да се чувствува добро и сакано и да го употребат тоа за самите да „растат“ газејќи врз нив.

На пример, насилникот може да употреби повишен тон и навредливи зборови, а кога жртвата ќе се вознемири, да ја убедува дека таа е виновна што го натерала да се однесува така, набивајќи ѝ грижа на совест и обвинувајќи ја дека сè сфаќа негативно за да си најде причина за расправија.

Си поигруваат со несигурностите, па дури и ако изневерат прават жртвата да чувствува вина поради тоа. Многу често не ни изневеруваат, немаат капацитет за да привлечат и втора личност, но нема да заборават да спомнат колешка или пријателка и по неколкупати, само за да предизвикаат уште поголема несигурност. Ако жртвата се осмели да праша, на „културен“ начин ќе ѝ објаснат дека таа е виновна, параноична и несигурна.

Уште една навика која ја имаат е обезвреднување на нештата кои ѝ значат на жртвата, почнувајќи од пријатели, па работа, навики, исхрана, начин на облекување, буквално сè, во обид да наметнат ист животен стил (ако тоа нивното може да се нарече така), за полесна контрола. Некогаш дури и не се ни трудат да не користат навреди, но после ќе бидат како: „Не, не мислев така, ти лошо ме разбра“ и си продолжуваат по старо.

Во случај жртвата да се осмели да се довери на другарка, па дури и на сестра, знаете што добиваат? „Таа ти љубомори“, „Нели гледаш дека е исфрустрирана?“, „Која е па другарка ти да ти кажува?“ Да, до толку им е одземена самосвесноста, што пренесуваат разговори со блиските и со другарките на партнерот, а тој нормално, има мислење за тоа и мислењето е секогаш дека се против него и дека ѝ се љубоморни, оти нели, тој е премијата и сите сакаат со него.

Некои од предупредувачките знаци на кои треба да се обрне внимание:

Постојано извинување

Жртвата се извинува, дури и кога ништо не направила погрешно, само затоа што ѝ е всадено во глава дека цело време прави грешки. Сомнежот во постапките доаѓа од постојаните обвинувања кои ги трпи дома, па ако забележите дека некоја ваша блиска личност го прави ова, тогаш можеби и треба да се обидете да помогнете, иако сигурно ќе ве одбива на почеток.

Неможност за носење одлуки

Овие личности се несигурни во своите одлуки бидејќи навикнале некој да им вели дека не се во право и дека сè што бираат е погрешно. Ова остава траги дури и во односите со семејството и пријателите (доколку насилството произлегува од врската), на работното место, па дури и во продавница кога избираат меѓу два вида леб, бидејќи некој дома ќе им рече „Што си земала со сончоглед, нели рековме со хељда е поубав“.

Промени

Промените тешко се забележливи, но ако не можете да препознаете некоја личност, а тоа се случило откако е во врска со некого кој и онака не ви се допаѓал, тогаш имате основа да се сомневате дека вашата пријателка, сестра, братучетка е жртва на гаслајтинг. Жртвата често е свесна дека нешто не е во ред, но не може да испроцесира што, а од друга страна и постојано се плаши дека ќе го вознемири партнерот ако нешто се осмели да направи за да се спаси.

Конфузија

Кај жртвата на гаслајтинг може да забележите константна состојба на губење допир со реалноста и конфузија. Тие веќе се навикнати на наметнатиот мисловен процес и многу тешко ќе ги убедите во нешто спротивно. Исто така, постојано се плашат дека ќе реагираат пречувствително на нешто, па изостанувањето на соодветна реакција е исто така симптом дека во нивната врска или семејство нешто непријатно се случува.

Често ќе можете да забележите дека личноста чувствува потреба да се откаже, да се издвои, да не се меша со луѓе, а ако прашате што се случува, нема да може да даде точен одговор, бидејќи и самата е свесна дека ситуацијата е повеќе од бизарна. Од друга страна, насилникот секогаш ќе се погрижи да ги обезвредни семејството и пријателите на жртвата, бидејќи не му оди во прилог некој да препознае што се случува и да понуди поддршка.

Насилникот сака да контролира, да биде супериорен врз жртвата и да ја остави тотално беспомошна, со цел да добива одредени бенефити, на пример секс или пари, во ситуација кога жртвата не е способна ниту емоционално ниту ментално да се избори. Позадината зошто некој избира гаслајтинг е најчесто од лична природа, за лична корист, а методот кој најчесто го избираат е интензивна емоционална тортура, која ќе трае додека да „исцеди“ сè што може да земе и зад себе да остави дезориентирана личност која тешко може да се снајде во животот без него.

Знам дека звучи ужасно, а и навистина е така, бидејќи жртвата е толку слепа што се труди на секој начин да го задоволи, да го освои повторно, а во моментот кога ќе се освести (тоа може да биде и по неколку години), веќе го има изгубено своето јас, фрустрирана е, посрамена, бесна, а често и депресивна. Ако насилникот некогаш замине, на оваа жртва ќе ѝ бидат потребни недели, месеци, а може и години за да излезе од вртлогот, да воспостави чувство за себе, да сфати што ѝ се случувало, но и да се бори за тоа да не ѝ се повтори.

Сигурно ќе се чувствува лошо поради себе и својата заслепеност, поради чувството да биде нечија играчка толку долго, па може да дојде и до претерана претпазливост и недоверба, која ќе отиде во спротивниот екстрем. Затоа на овие личности им е потребна помош и голема поддршка. Нивната слабост е привремена, но е тешка за да ја надминат.

Може да се случи повторно да се најдат во иста ситуација, но овојпат ќе бидат посвесни и сакам да верувам дека нема да навлезат до толку ко претходниот пат. Дека ќе им проработи инстинктот за самозаштита и нема да си дозволат наивно внесување во таква опасна ситуација.

За крај, после ова исцрпно излагање, имам само да ви порачам: Ако препознавате што и да е од ова погоре кај другарка, кај сестра, пријателка, братучетка, колешка, која и да е, пружете рака, дадете поддршка, иако на почеток ќе биде одбивана и ќе бидете етикетирани како лошо влијание. Ако ви се случува вас, бегајте, додека уште има време.