Лошо е кога двајца се сакаат, а не се заедно ама уште полошо е да те фатам дека лажеш

Долго пред хроно и кето

И другите познати диети

Диетите постојат со децении. Или пак, повеќе сакате да ги наречете режими на исхрана кои резултираат со губење килограми. Сам по себе, зборот диета има и други значења, на пример начин на исхрана поради одреден здравствен бенефит.

Но, сепак општоприфатено е кога ќе се спомне тој збор, веднаш да помислуваме на губење вишок килограми, па за тоа и ќе зборуваме денес. Во последниве години, читаме за одлични резултати со помош на хроно, кето или постење во поголем дел од денот (intermittent fasting го викаат). Читаме и за „магични“ чаеви, пијалаци, каши, жива неготвена храна и слични трендови кои за некои функционираат, а за други се неприфатливи. Нели, сепак секој избира што е најдобро за него.

Но, низ времето постоеја многу диети и трендови на исхрана, а за некои од нив добро е што веќе се заборавени.

Грахам крекери

Нешто како бисквити кои се направени од делумно интегрално брашно кое не е пресеано после мелењето, туку има и покрупни честички од житарките. Секој оброк, наместо со леб, бил јаден со овие крекери, додека намирниците биле подготвувани со едноставно варење и печење. Ги измислил Роберт Грахам и сигурно би бил потресен да знае дека неговата „иновација“ денес всушност е основа на многу рецепти со сол, месо, па дури и десерти, а како за инает, грахам крекерите ги има и во блага варијанта.

Суплементи со арсен

Многу бизарен тренд од 19тиот век кој првпат бил забележан во јужна Австрија, каде луѓето земале нешто познато како „ратсбане“ со кафето наутро. Потоа се покажало дека содржи арсен, иако во мали дози. Но, со испитувањата низ годините се покажало и дека луѓето во тој реон имаат толеранција кон овој отров, градена низ годините, додека кај другите народи суплементот предизвикувал благи знаци на труење.

Цигари за слабеење

Се сеќавате кога гледавме „Mad Men“, па се потсетивме дека некогаш цигарите беа рекламирани без пардон во сите медиуми, во ударни термини, на насловни страници, билборди, секаде. Во почетокот на 20от век некои производители ги рекламирале и како диететски производ, но за среќа, во денешно време повеќе сме свесни за нарушувачкиот ефект врз здравјето, наместо да ги гледаме како диета.

Грејпфрут секое утро

18-дневната диета вклучува грејпфрут за појадок секој ден, во комбинација со портокали, двопек, варени јајца и зеленчук, што резултираше со калориски шок, бидејќи како и да свртиш, се внесуваат околу 500 калории, што е премалку за едно тело правилно да функционира. Сепак, тајната не е во грејпфрутот, иако тој има прочистувачки и антиоксидантни својства.

Диета со млеко и банани

Ова е исто така нискокалоричен режим, кој додава по малку протеини, растителни влакна, калциум и витамин Д. Се состои од јадење банани и пиење обично млеко наместо вода. Сепак, во оваа диета недостигаат очигледно важни нутритивни состојки, без кои можеби визуелно ќе изгледаме послаби, но сигурно нема да бидеме здрави.

Апчиња за слабеење

Се сеќаваме на сите тие сведоштва во весниците за слабеење по 20 килограми во 3-4 месеци, нешто што ете, е изводливо, но далеку од здраво. Фармацевтските препарати за слабеење се уште постојат, но проблемот беше што никој не ги следеше долгорочните нус-појави, како што е уништениот метаболизам и јо-јо ефектот. Сепак, и понатаму како сектор во фармацијата, носи голем профит на веледрогериите.

Екстремен детокс

Тоа е она што го знаеме како комбинација на сок од еден лимон, малку бибер и чили и јаворов сируп, измешани во литар вода. Се пие само тоа во тек на десет дена. Тука може да ги додадеме и лаксативните чаеви и пијалаци, кои факт е дека делуваат, но уште појасен факт е дека ќе си ги вратите килограмите во првиот момент кога ќе почнете да јадете нормално.