Ти посакуваат се најдобро ама да не ти биде подобро од нив

И во секстање има бонтон

И согласност

Секстање, тоа е она кога со партнерот или некој со кој сакате да бидете интимно поблиски си разменувате пораки со скокотлива накај компромитирачка содржина (значи безобразна и експлицитна), а некогаш може и да „прелета“ и по некоја слика.

Со оглед на тоа што се работи за крајно интимна активност, која во време на карантин на некои луѓе им заменуваше и секс, мора да се знае дека има неколку непишани правила, од кои главното е дека она што некој го споделил со вас – бидејќи ви верувал/а – останува за вас и не треба да биде препраќано.

Следна битна точка во ова е согласноста. Ако не сакаш, не мораш да сексташ или да праќаш макар и малку провокативни слики. И не, ако не се чувствуваш удобно да го правиш тоа, не дозволувај да бидеш уценувана. Барем тоа е лесно, со едно блокирање се заштитуваш од многу непријатни ситуации.

Без оглед на тоа дали си машко или женско, согласноста е клучна во овој момент. Не можеш туку-така да влезеш со секси порака. На пример, ако веќе комуникацијата достигнува одредено ниво, може да започнеш со:

„Сакаш да споделиме нешто повеќе еден за друг?“, „Што мислиш за секси фотографии?“, „Може ли да споделам нешто со тебе?“, „Би сакал/а ли да зборуваме за нашите фантазии?“, но само ако муабетот води накај тоа. Пораките се малку полесен начин да се воспостави оваа комуникација, но ако некој ве одбие или гледате дека не се чувствува удобно да го прави тоа, треба да настапите лабаво. Некогаш самиот разговор ќе ве наведе да разграничите:

-Кои се вашите лимити и што вие или другата личност сметате за непристојно, дрско и безобразно

-Почитување на ставот околу споделување интимни фотогррафии

-Избирање најбезбедна платформа за ова (Месинџер не е)

-Во каква насока ќе се движат овие фантазии

-Безбедни зборови, со кои ќе дадете до знаење дека другиот претерува

Оние кои мислат дека секстањето е само размена на голи фотки и користење секси речник може да бидат многу разочарани ако не добијат она што сакаат со самото тоа што ќе речат „Дај“. Дрскоста и безобразноста не значат директност, туку непочит. Без разлика дали се работи за постојан партнер или некој нов, нормално е да имате меѓусебна доверба, да покажете почит еден кон друг и да не присилувате, а уште помалку да уценувате.

Ризиците постојат, еве на пример во Холивуд често гледаме дека протекуваат содржини од ваков тип од телефоните на познатите личности. Многу партнери избираат да ја користат опцијата vanish или dissapearing messages, односно пораки кои траат одредено време, а потоа автоматски се бришат. Притоа, голем дел од апликациите кога го користите овој режим на работа, даваат и известување доколку некој направи принтскрин или прави снимка.

Секако, важно е кога ќе ви речат „Не се чувствувам удобно да зборувам за ова“ да не навалувате, а ако вие го кажувате истото и не се почитува, тогаш да го прекинете секстањето. Дури и кога се допишувате, треба да се грижите за туѓите чувства и граници. Ако некој претерува тогаш може и да пристапите кон „ghost“, но знајте дека истото може да ве снајде ако претерувате и вие.

На крај, имајте на ум дека фантазиите и напишаното не се секогаш во склад со реалноста. Секстањето може да создаде нереални очекувања, а уште подобро е да разграничите и дали нешто од разговорот е само фантазија, сакате да го пробате или сте го пробале и ви се допаѓало. Подеднакво нормално е и ако не ви се секста секој ден. А најважно од сè е да не заборавите дека не постои ниту правилен ниту погрешен начин да го правите ова, сè додека тоа го правите безбедно, имате поставено граници и секако, согласни сте и двајцата и одговорни за секоја разменета содржина.