Луѓето што немаат граници се делулу
Ако доволно сте работеле на себе и знаете колку е важен сопствениот раат тогаш точно знаете што може и да ви го расипе. Доколку сте дошле до сознание дека вие сте центарот на вашиот свет и доколку вие не сте спокојни тогаш нема да бидете добри во секојдневните обврски и цели во животот и доколку знаете да го заштитите вашиот мир, тогаш вие сте човек што знае да постави граници и да каже „НЕ“ на тоа што може да ја загрози вашата благосостојба. Поставувањето граници е пред сé самозаштита, самопочит и начин на кои им давате на знаење на другите како и до каде може да се однесуваат кон вас. Кога ќе сретнете луѓе кои исто така знаат да постават граници, вашата интеракција е идеална. Знаете кои се нивните граници и ги почитувате, а тие знаат кои се вашите и ги почитуваат, бидејќи сите знаете колку труд и време е посветено да стигнете до тоа ниво.
До тука сé е супер ама има и една друга група на луѓе кои немаат граници и тие се помногубројни. За жал, ќе морате да ги сретнете и најчесто да ги испратите. Луѓето кои немаат граници најчесто не работеле на себе, може да се јават во форма на субмисивни, сервилни, нарцисоидни, делуваат недораснато, неразумно, имаат ниска самодоверба и самопочит, може да делуваат како возрасни деца или како луѓе кои не знаат кога да престанат со нешто. Иако делуваат дека повеќе се забавуваат и дека се лабави и лесни за дружење, тие најчесто ќе одлучат да бидат и „дворски шут“ само да не се сами и да се во друштво. Прекумерната флексибилност, наивноста, недостигот на самопочит, екстремните компромиси и неопределените реакции тие ги гледаат како знак на „добри луѓе“. Парадоксот е во тоа што овие луѓе најчесто не ги разбираат оние што имаат граници и ги карактеризираат како ладни, неемотивни, нефлексибилни и крути. Затоа што не им дозволуваат да им се качат на глава веројатно.
Зошто е опасно да немате граници? Затоа што луѓето кои избегнуваат да работат на себе и не можат да седат сами со себе најчесто инсистираат да се во друштво, какво и да е. Тоа може да ги донесе до социјални предизвици, лоши и токсични врски, слабо справување со стрес и губење дисциплина за работни активности.
Од перспектива на луѓето со граници, овие без граници изгледаат како недораснати, но, сакате да ја видиме перспективата на тие без граници?
Луѓето без граници се убедени дека овие со граници не знаат да се дружат и дека не знаат да сакаат. Голем дел од овие без граници сметаат дека вистинската љубов бара жртва, па затоа нивната дефиниција на љубов е кога партнерот ќе прифаќа сé, ќе се жртвува за врската до газење на достоинството, ќе покажува постојан страв и очај од губење на партнерот и ќе се самопонижува. Тоа, сметаат дека е романтизирање на љубовта. И ова не доаѓа од многу романтични примери од литературата или филмови, ова доаѓа од нивното рано прифаќање на линијата на помал отпор во однос на токсичните ситуации. Доколку гледале некого во околината или едноставно логично прифаќање им било дека во токсична врска треба да се остане без разлика на сé, стравот од заминување од токсичната средина го дефинирале со нужна жртва за семејството, тогаш јасно ви е дека луѓето без граници сметаат дека немањето граници е добра работа, знак на љубов, жртва и трпење. Така луѓето кои веруваат дека бескрајна жртва и страдање е дефиниција на вистинска љубов, овие со граници ги гледаат бледо. За луѓето со граници, знак на љубов е почит и комуникација. Ако треба некој да страда тоа не е здрав однос.
Луѓето без граници на работа се оние кои ќе прифатат многу обврски и после очајно ќе кукаат колку многу работа имаат без да се заземат за себе и да побараат или помалку работа или нова работа. Луѓето со граници ќе прифатат точно толку работа колку што сметаат дека ќе можат да изработат и доколку некој ги експлоатира, ќе заминат.
Луѓето без граници нема да стават точка на ниеден проблем никогаш бидејќи не знаат да стават. Тоа се оние кукачите. Најчесто може да ги измешате со нарцисоидни личности бидејќи имаат некои навидум слични особини. Тие може да се впуштат во ситуации и да уживаат во моментот без да размислуваат дали некој прекршува некој договор или нивна лична удобност. Тие може да бидат поподготвени да прифатат различни активности или да се вклучат во ситуации без да се загрижуваат за нивните последици или дали ќе ги нарушат некои од своите вредности или потреби. Ова им овозможува да бидат отворени за нови искуства и да се забавуваат без да се обидуваат да контролираат или постават правила. Такви луѓе можат да изгледаат како да се повеќе социјални и спремни за забавни активности, бидејќи тие немаат тенденција да се ограничуваат дека нешто ќе им одземе енергија или ќе ги натера да се чувствуваат неудобно. Ова може да води до почесто забавување и учество во социјални настани. Но, разликата со нарцисите е во тоа што нарцисите намерно ве повредуваат, а овие без граници ненамерно. Овие само не знаат каде е точка каде е запирка. Затоа не знаат ни што ги прави среќни, како се ужива во сопствениот раат, како да го стават квалитетот пред квантитетот и како да бидат задоволни со себе.
За разлика од нив луѓето кои имаат граници имаат точна слика што може да влезе во нивната прифатливост, а што не. Немаат време за бесцелни седења и разговори, токсични релации, мазохистички страдања за докажување љубов и газење по себе за туѓа среќа.
Манипулативните луѓе, од друга страна, овие со граници ги мразат дека не можат да ги искористат ко што сакаат. Но, затоа не им е проблем да ги искористат тие без граници, тие се најлесен таргет.