Јас сум тип на човек што заборава родендени, имиња и уклучен бојлер

Моќта има име, се вика Ана Винтур

Ана Винтур. Дамата зад темните очила за сонце и боб фризура. Најголемата инфлуенсерка на денешницата, жената со неизмерна моќ врз модата и највлијателната личност во медиумите. Лидерка на Vogue, жената позади Мет Гала шоуто каде ако те нема тогаш си никој во шоу бизнисот. И ако те има ама се избрукаш, утре си никој, готово е со тебе. Дури ни филмот „Ѓаволот носи Прада“, каде наводно ликот кој го игра Мерил Стрип е базиран на неа, ништо не и можеше. Нејзе никој не може да ја уништи, сé во модата почнува и завршува во нејзината канцеларија.

Ана Винтур е родена на 3 ноември 1949 година во Лондон, а учела на престижното приватно училиште за девојки Queen’s College во 1960 година. Но, таа не сакала да оди на училиште и често се бунтувала против кодексот на облекување, во време кога мини здолништето станало тренд, па таа се префрлила на колеџ во Северен Лондон во 1963 година, но го напуштила на 16 години без да ја заврши последната година. Кога била тинејџерка, Ана му посветила важно внимание на стилот, била во тек со сè ново и модерно и била незаситна читателка на книги, списанија и весници.

Ана Винтур е толкава икона како главен уредник на Vogue што е тешко да се замисли дека таа правела нешто друго претходно. Но, исто како и секој, таа ја започнала својата кариера од дното, движејќи се нагоре и имала позиции во други списанија.

Своето прво искуство Ана го стекнала во списание работејќи во Оз, кое и го подарил нејзиното тогашно момче Ричард Невил. Сепак, публикацијата била нападната поради нејзините „контроверзни“ теми во тоа време.

Потоа, во 1970 година, Ана ја започнала својата петгодишна кариера како моден асистент, а подоцна и заменик моден уредник во Harper’s & Queen (спој на Harper’s Bazaar и Queen).

„Научив како да одам на пазар и да избирам облека. Научив како да избирам талент. Научив како да соработувам. Научив како да направам распоред. Научив како да напишам текст. Ме фрлија во кариерата, искрено, со незнаење. Не знаев ништо. Мораше да научиш сè, мораше да направиш сè, требаше да знаеш да правиш повеќе задачи. Мислам дека ова исто така ви дава одредена сила дека не сте заглавени во една кутија. Само што почнав како уредник, ми рекоа да одам на снимање“

Ана имала моќ да ги натера луѓето да прават што сака со поглед или реченица. Таа имала богат социјален живот, присуствувала на модни ревии и секогаш ги барала најдобрите луѓе за работа. По повеќекратните несогласувања со нејзиниот ривал, Мин Хог, кој ја добил работата за моден уредник што таа ја сакала, таа се откажала од Harper’s & Queen и се преселила во Њујорк со нејзиното момче, хонорарниот новинар Џон Бредшо.

Во Њујорк, Ана кратко работела како хонорарец за американскиот Vogue. Подоцна, таа станала помлада модна уредничка во Harper’s Bazaar US во 1975 година. Но, нејзините иновативни, „премногу сексуални“ снимања не му се свиѓале на уредникот Тони Мацола, па ја отпуштил по девет месеци.

Неколку месеци подоцна, Џон Бредшо и помогнал на Ана да ја добие првата позиција како моден уредник во Viva, списание за возрасни за жени, основано од Кети Китон, тогашна сопруга на издавачот на Пентхаус, Боб Гучионе. Ана била задолжена за поврзување со брендови и носење огласувачи. Таа имала многу креативна слобода таму и се стремела да изгради феминистичко списание. Но, на 18 ноември 1978 година списанието згаснало.

Тогаш Ана Винтур и нејзиното момче патувале по светот и тоа е нејзината единствена вистинска пауза од работата.

Таа се вратила во Њујорк во пролетта 1980 година и почнала да работи како моден уредник во Savvy – „списанието за деловни жени“. Но, Ана не можела да работи во граници на мода за адвокатки и банкарки кои ништо не сакале да сменат па носеле само досадни костими и се откажала. Ама и се допаднала идејата бизнисменките да го читаат списанието, па подоцна таа ја таргетира оваа публика на Vogue.

Во 1981 година, Ана станала моден уредник на списанието New York. На насловните страници ставила познати личности, што резултирало профитабилно.

Во 1983 година, Ана Винтур била избрана да биде креативен директор на американскиот Vogue, а во 1985 година, Ана станала главен уредник на британскиот Vogue.

Бидејќи во нејзината природа е да ги извршува работите ефикасно, таа го сменила персоналот, се ослободила од многу луѓе и целосно го сменила списанието. Целосно го променила изгледот и модата, па списанието од фотографии на жени со коњи и гранчиња во косата преминало во списание со фотографии од жени во костуми кои бркаат такси.

Иако сонот на Ана Винтур да работи во Vogue станал реалност, она што најмногу сакала било да се врати во американскиот Vogue. И тоа го направила во 1988 година. Таа променила сè во списанието – од персоналот до визијата на Vogue, до тоа како изгледале неговите насловни страни. Нејзиното прво издание од ноември 1988 година на насловната ја прикажува 19-годишната манекенка Михаела Берку во пар избледени фармерки од 50 долари и јакна со украси од Кристијан Лакроа вредна 10.000 долари. Било револуционерно бидејќи беше првпат модел на насловна страница на Vogue да облече фармерки.

Толку било револуционерно што кога компанијата за печатење ја виделе, помислиле дека е погрешна слика и се јавиле во списанието за да проверат дали е точна.

Ана Винтур користела помалку познати модели, измешала евтина облека со висока мода и така ја започнала возбудливата кариера во Vogue. Покрај тоа што е главна уредничка 35 години, Ана Винтур работи како уметнички директор во Condé Nast од 2013 година. Таа е и претседател на Мет Гала од 1995 година. Модниот фонд CFDA/Vogue е создаден под раководство на Ана Винтур. Исто така, Центарот за костими во Музејот на уметност Метрополитен е именуван по неа.

За Ана често се зборува како некој кој има силна работна етика и одлични вештини за управување со времето. Нејзината утринска рутина изгледа вака: таа се буди помеѓу 4 и 5 часот наутро, чита весници, испраќа мејлови до нејзиниот персонал, игра тенис, а потоа се упатува во канцеларија. Не само што ова и оди во прилог, туку и на луѓето околу Ана им покажува дека е организирана. Оваа вештина е една од тајните состојки за успех и добра репутација.

Во текот на нејзината долга кариера во модата, Ана Винтур изградила голема влијателна мрежа, составена не само од модни професионалци, туку и од политичари, спортисти итн.

Многу луѓе сакале да ја претстават како кучка. Поранешни вработени, луѓе кои не биле на насловните, а сакале, луѓе кои не биле поканети на Мет Гала и слично. Нејзината посветеност на работата, перфекционизмот, амбицијата и нивото во општеството едноставно се недопирливи за било каква штета. Ана ја има моќта која ја постигнала со многу работа и труд.