Тенксгивинг е единствен празник што нема да го присвоиме пошо овој народ тешко фала да каже

Отказ не е крај туку е почеток

Една подруга перспектива

Денеска да позборуваме малку за кариера, за работење, за култура на останување во иста фирма поради сигурна работа, осигурување, колегијалност, како и заминување кога веќе нештата едноставно не одат.

Една погрешна лекција научена во детството често нè чини напредок, среќа и раат – „Оние кои се откажуваат не просперираат“, или она другото „Ако не успееш првите 10 пати, пробај уште 10“ и слични мотивации. Можеби и тоа има смисла додека уште одиме во училиште или треба да учиме да се снаоѓаме во животот.

Но, кога е професионалниот аспект во прашање, ваквите совети баш и немаат смисла. Вработување на млади години и останување таму до пензија во денешно време и не е некоја идеална ситуација, особено ако сегашното работно место нè затупува или уназадува (а тоа и те како се случува). Давањето отказ во вакви сиуации е најдоброто нешто што можеме да го направиме за себе, иако онаа културолошка норма „седи и ќути, барем имаш работа“ сè уште тешко се надминува.

Замислете вака. Почнавте серија, не ви се допаѓа и наместо да губите време со неа, почнувате друга. Сигурно не сакате да трошите скапоцени моменти во обидување да ви се допадне нешто. Исто е и со работата. Кога не оди, не оди. На таа сметка можете да заработите нервоза, раздразливост, незадоволство, фрустрација и да, платата е битна, за тоа и работиме, но дали вреди целиот тој стрес што го имате кога се будите наутро и единствено што сакате е пак да заспиете. Дури и кога ќе стигнете до работа, нозе ви се враќаат накај дома.

Некои имаат среќа да се задоволни со работата со години, некои не ни знаат за подобро. Од една страна разбирливо е што во тоа сте вложиле многу труд и време, но помислата да останете таму до пензија сигурно не ви звучи особено привлечно, знаејќи дека нештата нема да профункционираат подобро. И тука доаѓа оној најдоблесниот момент, да си признаете самите на себе дека не оди и да ги заборавите времето и трудот кои веќе се одминати, за да можете да зачувате доволно од нив за следниот предизвик.

Скроз е нормално, дури и ако шефот ви се налути, ако се обиде да ве дискредитира, ако колегите наеднаш почнат да озборуваат зад грб, но знаете ли зошто е тоа така? Затоа што сте токму онаа личност која одлучила дека таа средина веќе не води кон ништо корисно и сте им дале до знаење дека сте предобри за нив. Се откажуваме од многу подлабоки нешта, врски, луѓе, членови на семејство… Едно работно место не смее да ве влече надолу, бидејќи тоа е едно бесконечно длабоко тонење кое само ќе ве демотивира и нема да ви остави сила да се развивате како професионалец.

Имајте го ова на ум и сигурно следнот отказ ќе биде полесен.