Ја нема таа пара што не можам да ја потрошам за пола саат

Посесивноста е кралица на токсичните врски

И не е знак на љубов

Како прво, посесивноста не е знак на љубов. Да почнеме од таму.  Таа фразата „биди мој“ што ја гледаме по филмови звучи убаво кога е кажана во некоја романтично поетска конотација но буквалното сфаќање на изразот е концепт на „припаѓање“ на некого. Ок е да се гордееме со достигнувањата на партнерот или да стануваме малку иритирани кога некој малку премногу кокетира со нашиот партнер, но токсичните реакции и опседнатоста со партнерот се голем знак за внимание. Посесивноста е кралицата на токсичната врска и е сериозен проблем што води до други проблеми во врската.

Меѓу нив се љубомора, злоупотреба, параноја или демнење. Важно е да ги препознаете знаците на посесивност во врската и да поставите граници до каде може да толерирате и што е неприфатливо за вас. Посесивноста во основа е страв од загуба, посесивните луѓе се грижат дека партнерите ќе ги остават. Ова создава чувство на страв, лутина и тага. Довербата е витален аспект на здрава врска. За да имате доверба, мора да чувствувате дека вашиот партнер е доверлив, се грижи за вас и може да се смета на него. Посесивните луѓе се трудат во секој момент да најдат причина зошто не може да му се верува на партнерот и да бидат навредени од сé што прави партнерот наместо неговото целосно внимание секој момент, секој ден, да е свртено кон нив. Посесивноста често произлегува од несигурностите поврзани со стиловите на приврзаност. Луѓето со анксиозност од приврзаност имаат тенденција да имаат негативен став за себе и позитивен поглед на другите. Тие се загрижени дека на нивните партнери не може да им се верува. Имаат хроничен страв од отфрлање.

Посесивноста може да биде и знак за гранично растројство на личноста. Луѓето со ова нарушување често имаат промени во расположението. Тие покажуваат екстремна посесивност во обид да избегнат перцепирано напуштање.  Може на почетокот да биде малку тешко да се препознае кога посесивноста ја преминува границата од нормална наклонетост до контролирачко и навредливо однесување. Препознавањето на знаците на посесивност и учењето како да се справите со нив може да ви помогне да ја разликувате и да спречите посесивноста да излезе од контрола. Почетокот на секоја романтична врска може да биде интензивен, но ако вашиот партнер брзо ја форсира вашата врска со тоа што многу брзо ќе каже „Те сакам“ или ве притиска прерано да се преселите заедно, тоа може да биде знак на посесивност.  Ако редовно ве испрашува за тоа каде се наоѓате, со кого сте и кога ќе завршите со тоа, вашиот партнер можеби ја преминува границата. Нормално е да му дадете до знаење доколку имате некои големи промени во распоредот кои го изместуваат времето предвидено за да го поминете заедно, но треба да можете да одите на шопинг или да ручате со пријателите без постојано да се пријавувате или да бидете предмет на напад додека седите со пријателите или семејството преку пораки и повици.

Бидејќи луѓето со анксиозност од приврзаност имаат пониско ниво на самодоверба, има голема веројатност дека ќе ја нарушат вашата приватност. Ова вклучува проверка на вашиот телефон за пораки, следење на вашите е-пошта или читање на објавите на социјалните мрежи, отварање кој лајкнал, па барање да објаснувате зошто некого следите или зошто сте лајкнале таму… Вашата шанса да запознаете нови луѓе или да ви се приближи некој друг е сведена на минимум. Екстремните случаи одат до таму да им пристапуваат на луѓето кои мислат дека им се потенцијална опасност со цел да ги тргнат од вас. Ако вашиот партнер е посесивен, можеби ќе сака да го поминете целото слободно време со него. Но, треба да негувате здрави односи со пријателите и семејството, а не само со вашиот романтичен партнер. Кога вашиот партнер се меша во тие врски со тоа што сака да поминувате време само со нив, тоа може да ве изолира или да ги загрози другите релации и семејни па дури и службени. Партнерот може да се обиде да го оправда своето однесување со тоа што ќе ве обвини што не му кажувате доволно. За посесивните луѓе вие сте криви што тие се вознемирени. Тие, исто така, мислат дека вашето цело време, внимание, планови и целиот ваш живот им припаѓа и ним. Пријатели, според нив, најдобро да немате, посесивните партнери ќе пробаат да ве убедат дека тие ви се доволни.  Интензитетот на посесивноста во врската може да биде незгоден. Иако посесивните луѓе се навидум најпогодени и цело време нервозни и навредени од сé, единствената жртва во врската е нивниот партнер. Сепак, постојат начини да се справите со ситуацијата.

Ако препознаете знаци на посесивност кај вашиот партнер, треба да разберете дека не се работи за вас. Нивната посесивност се однесува на нивните проблеми, без разлика дали се работи за несигурност, анксиозност од приврзаност или можно растројство на личноста. Можете да го уверите партнерот за љубовта кон него и за состојбата на вашата врска. Ако нивната посесивност не ја преминала границата на злоупотреба, ова може да биде доволно за да ги увери за стабилноста на вашата врска. Ако уверувањето не помага во посесивноста, терапијата може да биде следниот чекор. Предложете им да побараат терапевт кој ќе им помогне да ја надминат посесивноста и чувството на несигурност. Доколку го одложувате разговорот за посесивноста со партнерот, работите може да излезат од контрола и да станете жртва на психичко насилство, а не ретко и физичко. Посесивните луѓе ќе ги користат сите гаслајт методи да ве убедат дека вие не чините, ама тие сепак ве сакаат и вие треба да сте среќни што ве сакаат. Не ви требаат другари, не ви треба семејство, само тие ви требаат, тие најдобро ве разбираат. Нема што да се гледате со други луѓе или да шетате сами, тоа време треба да се поминува заедно бидејќи вие треба да сте среќни што можете да поминувате време со нив. Цело време. Секој ден. И додека се свестите што се случува вие сте наполнети со негативна енергија од нивната токсичност, се гушите во врската, другарите се дистанцирани од вас, станувате непријатни за околина и не ретко и вие ќе имате потреба од психолошка помош. Имаме кажано неколку пати, од токсични луѓе не бива партнер. Токсична средина е нездрава средина. Сакајте се себе и најдете некој што ви го прави времето поубаво, а не полошо.