Ја нема таа пара што не можам да ја потрошам за пола саат

Потиснатите емоции и животот

И што да правите со нив?

Некои луѓе имаат воспоставено одличен начин на справување со емоции, но други не можат никако да се носат со нив, па создаваат еден маѓепсан круг на потиснување, кој можеби се чини како најлесно и наједноставно решение, ама воопшто не е.

Дали сте вие меѓу оние кои се заглавени во вртлогот од емоции кои ги собираат години наназад, без никаде да ги извентилираат? Справувањето со сопствените чувства е огромен предизвик. Дел од тоа го учиме од другите, но во најголем процент самите воспоставуваме некој свој метод на учење и разбирање што ни се случува, како и прифаќање на ситуацијата и решавање на пробемите.

Што се случува ако не го правите тоа?

Кога се некои ситни емоции, тие реално и нема многу да променат ни ако ги искажете, ни ако ги задржите за себе. Проблемот настанува кога ќе ги соберете фрустрациите, нервозите, стресот, анксиозноста, а немате со кого да ги споделите, не сакате да ги кажете на никого или најлошо, мислите дека ако ги игнорирате ќе исчезнат сами.

Но, по некое време тие мисли, чувства и спомени ќе сакаат да излезат од некаде. Вие нема да бидете свесни, но тие ќе се рефлектираат во начинот на живеење, односите со луѓето, па во некои случаи дури и на вашиот физички изглед, бидејќи кортизолот (стрес хормонот) постојано ќе се движи по горна граница. А, според медицината, лошите вредности на кортизолот може да предизвикаат физички промени од типот на нагло слабеење или покачување тежина, промена на бојата на тенот, претерано мастење на косата, на кожата, болки во зглобови и ред други физички симптоми.

Справувањето со емоциите е вештина

Од една страна, потиснувањето е лошо. Многу е лошо. Но, од друга, дури и претераното искажување не носи ништо добро. Тајната е во балансот. Емоциите не треба да ве контролираат вас, но не треба ниту да бидете роботи и механички да дејствувате, целосно исклучувајќи ги. Потиснувањето не е справување и тоа мора да го сфатите уште денес. Потиснатите емоции во даден момент ќе преминат во бес, во пасивна агресија или во депресија.

Не смеете да се плашите од нив, без разлика колку се позитивни или негативни. Не ги одрекувајте дека постојат. Смирете се и обидете се да разграничите што е тоа што ги предизвикува, а ве прави нервозни и фрустрирани. Стекнете ја таканаречената мудрост и контролата врз своите ум и тело. Насочете ги кон подобрување на себе. Тоа освен што е вештина е и голема одговорност. Вие сте личност која е вклучена во општествени процеси, која работи, комуницира и веројатно има и свое семејство, можеби и деца, кои треба да ги научи на емоциите и нивниот „товар“.

Кога ова ќе го научите, а тоа нема да се случи преку ноќ, ќе сфатите дека секоја емоција може да биде пренасочена во ваша корист, во најмала рака како животна лекција и важна поука.