Како тоа читаш меѓу редови коа не си прочитал ни два реда у животот?

Трите типа на нарциси манипулатори

Кога ќе се рече нарцис, некој тоа си го сфаќа ко комплимент, демек убав, полн со самодоверба, сите го сакаат, екстровертна личност која секогаш е во центар на внимание. Ама, што ако ви кажам дека нарцисоидноста е всушност на некој начин нарушување на личноста?

Освен што е нарушување, се дели и на три типови на нарциси: егзибиционисти, токсични и фејк (имитатори).

Првите, егзибиционистите, сакаат сите да им се восхитуваат и сериозно го очекуваат тоа. Вторите, токсичните, би сакале да доминираат и да прават сите останати да се чувствуваат безвредно, додека пак имитаторите сакаат да бидат споредувани со личност на која тие ѝ се воодушевуваат и се поистоветуваат со нив.

Многу е важно да научите да ги препознавате овие нарциси, особено доколку некако се случило да се гледате со таква личност и да имате намера да започнете врска. Препознајте ги нивните шеми на однесување кои вклучуваат:

-Преокупираност со себе

-Егоистични

-Мислат светот се врти околу нив

-Речиси никаква емпатија

-Пречувствителност и давање на значење на мислењето на другите

-Лесно се лутат

-Го нагласуваат својот статус

-За сите неуспеси друг им е крив или ги мрази учителката или цел свет се има собрано и договорено да ги сопнуваат

Сето ова прави врските со овие луѓе, без разлика дали љубовни или пријателски, да бидат тешки и комплицирани, па дури и да се чувствувате како да не можете да дојдете на ред, бидејќи освен сами себе, овие луѓе баш и немаат други приоритети.

Се верува дека нарцисоидноста е нешто што се развива во детството и дека дури некој и да не покажувал знаци на почеток, а подоцна се претворил во нарцис, тоа значи дека со нешто било поттикнато за да излезе пак на површина. Исто така, ова нарушување е повидливо кога се возрасни, бидејќи тогаш треба да се изборат за своето место под сонцето, ги нема мама и тато да ги задоволат хировите, тие што ги препознале навреме веќе одамна избегале, а сега е на вас да се справувате со нив.

Но, да погледнеме малку подетално како се манифестираат тие три чести форми на нарцисоидност, што веќе ги спомнав погоре.

Егзибиционисти

Тие се најмногубројни и прво на нив помислуваме кога ќе го чуеме зборот „нарциси“. Сакаат да се центар на внимание, мислат дека светот е должен да ги третира посебно, сакаат да делат памет, да даваат совети (секако неповикани), а ако се почувствуваат загрозени, тие напаѓаат и понижуваат. Во нивните мозоци, на врвот треба да бидат само тие, а сите останати барем пола степен под нив, ама колку подолу, толку подобро.

Е сега, кога ќе се случи да се појави некој попаметен, подобар, поталентиран, тие доживуваат шок и шлог и стануваат уште поужасни (ко досега малку да беше), пречувствителни, лути, бесни, без да бираат начини како ќе газат врз другите. Тоа е на некој начин нивна одбрана, која функционира само во нивните глави и никаде на друго место. Толку се заслепени дека нивното мислење е најважно од сè, што им е чудно кога некој ќе им се спротивстави, макар и со аргументи.

Во врска сакаат да бидат главни, а ако не се согласите со нив тоа е трагедија, крај на свет, толку, нема понатаму. Дури и кога ќе згрешат, ќе ве уверуваат дека никогаш не згрешиле и дека нешто погрешно сфаќате.

 

Токсичните

Овие се најлошите. Тие не се задоволуваат со тоа да се центар на внимание, туку нив да ги прашате, тие би владееле со светот, па дури и по цена да треба глави да сечат со сабји. Уживаат да повредуваат, имаат садистички пристап во односите, сакаат да им се плашите и ќе се обидат на секој начин да ве стават под нивна контрола.

Овие луѓенца се и огорчени и бесни поради тоа што не можат да се реализираат, а не можат бидејќи желбите и фантазиите им се нереални и болни. Нив ги лути туѓата среќа, вистински отров се, а најчесто нивни жртви се оние кои се психички и физички послаби. Ќе ги најдете како глумат шефови по фирми, како повишуваат тон и употребуваат навреди.

Во врските сакаат да покажат кој е главен и нема да се смират додека не си најдат личност која ќе ја гаслајтаат и ќе ја уништат во поим.

Имитатори

Сакаат да бидат специјални, мразат конкуренција, најчесто нарцисоидноста си ја влечат од најблиското семејство, а подоцна си се поистоветуваат со тој член. Поретко овие лица имаат идоли како селебрити фаци, наставници од училиште, пријатели, комшии и сè што прават во животот е очаен обид да бидат како оние на кои им се воодушевуваат.

Тие всушност и не се толку забележливи како горенаведениве два типа на нарциси, бидејќи мислат дека ако го истакнат својот карактер, лесно ќе бидат препознаени и поразени. Но, на сметка на тоа постојано ќе бараат афирмации и тапшања по рамо, особено од онаа личност во која гледаат Бог. Се плашат дека нивните несигурности ќе бидат забележани, па дури и агресивно ги кријат, што ги прави уште повоочливи.

Исто така, наместо зад личност, можат да се скријат зад потекло, презиме, роднина, религија, да се идентификуваат со него и врз основа на тоа да се чувствуваат подобри од другите.

Во врската бараат личност која во нив ќе гледа идол, а тие ќе бидат должни да дадат мислење и да го одобрат секој план. Некои одат и во крајност во која се во врска со егзибиционист, само поради потребата да имаат идол, па почнуваат да прифаќаат навики, дури и начини на изразување од партнерот и на тој начин си ја билдаат самодовербата и припадноста.

Ко што можете да видите тие се и најчудните нарциси кои ќе ги сретнете, зошто вака ви се чини ко да немаат свое јас и не знаат кај тераат. И во право сте, нив им треба некој да ги води за раче, ама притоа се уверени дека тоа е правилното, така треба, па дури и ќе го наметнуваат тоа како начин на живот.