Бенчинг е кога си секогаш опција и никогаш приоритет
Benching е поим од современата култура на запознавање и врски, кој буквално значи „седење на клупа“. Замисли како спортски термин – кога некој седи на клупата, тој е таму како резерва, не е активен дел од играта.
„Бенчинг“ е однесување кога една личност го одржува интересот на друга личност со минимален ангажман и повремени контакти, но без искрена намера да започне вистинска врска.
Бенчингот не секогаш е манипулативна форма, го користат и луѓето кои не знаат што сакаат во животот. Генерално е одлика на луѓето со ниска себепочит кои не сакаат да се сами, па секогаш имаат некоја резерва да им пополни време без многу да се трудат. Нивната потреба за внимание, его-буст и валидизација ги оддалечува од критериумите и на нив им е побитно да имаат повеќе луѓе за резерва отколку да се потрудат да направат квалитетна конекција.
Доколку се работи за манипулативната форма, тогаш ова е карактеристика на нарцисоидните типови кои секогаш имаат резерви на нови жртви од кои црпат секаков бенефит.
Во бенчинг може да се најде секој бидејќи вие не ја знаете вистинската намера на почетокот на комуникацијата. Но во рана фаза луѓето со повисока самодоверба веднаш ќе ги регистрираат знаците на бенчинг и ќе стават крај на тоа. Оние со пониска самодоверба или со емотивна зависност и оние кои идеализираат партнери, малку подоцна ќе видат дека не се во игра. Они може да толерираат да не се приоритет верувајќи на лагите од другата страна дека е многу зафатена, може да даваат време, може да бидат задоволни со основен минимум надевајќи се дека нештото ќе се смени и другата страна во нив ќе види партнер за врска. Ако они доволно се трудат. Но најчесто не е така, бенчингот е форма на непочит, трошење време и давање лажна надеж. Бенчингот може да направи голема штета, како на пример да ве фрли во „overthinking” фаза, да ви ја поткопа самодовербата уште повеќе, да се чувствувате недоволно добри и најстрашно да мислите дека не се трудите доволно. Сето тоа базирано на идеализацијата што се појавила во раната фаза на „love bombing” или континуирано внимание но од формата на „Breadcrumbing” кога ве држат околу нив на трошки внимание.
Како да препознаеш рана фаза на бенчинг?
Ти праќа пораки од време на време („Што правиш?“, „Мислев на тебе“), но никогаш не закажува состанок или конкретен план. Кога ти ќе предложиш да се видите, секогаш има некој изговор („Можеби друг пат, сега сум презафатен/а“). Ја држи врската „жива“ преку мали знаци на внимание (лајкови, срца, емотикони), ама не покажува реален интерес за посериозна комуникација. Ако престанеш да му пишуваш, се појавува одново, со некое „Се прашував што правиш“, за да го одржи твојот интерес. Те вклучува во муабет само кога му е досадно или кога нема подобра опција. Се чини како да сака да те задржи во близина, ама без вистинска намера да инвестира. Разговорите се плитки, без длабочина. Темите се секогаш лесни, без обид за лична поврзаност. Ако поставиш прашање или покренеш некоја тема, често го игнорира или одговара со едноставни фрази.
🌟 Биди искрен/а со себе
Ако забележиш дека некој е нејасен или непостојан, не се убедувај себе дека можеби „ќе се предомисли“ или „ќе стане посериозен“. Верувај им на неговите постапки, не на зборовите. Не се плаши да изразиш што сакаш и да го прекинеш контактот ако се чувствуваш искористено. Ако некој вели „Ми значиш многу“, ама не наоѓа време за тебе, најверојатно не си приоритет. Не заборавај дека луѓето кои навистина сакаат да бидат со тебе, го покажуваат тоа со конкретни дела, а не само со зборови. Ако се чувствуваш збунето, исцрпено или како „резервна опција“, тоа е јасен сигнал. Понекогаш бенчинг те прави да мислиш дека мора да се трудиш повеќе за да „освоиш“ некого. Всушност, треба да се насочиш кон луѓе кои сами покажуваат почит и интерес. Биди приоритет, не биди опција.