Еден од оние денови кога се каам што не сум била подобра со тие што ги сакам и што не сум била полоша со тие што ме нејќат. Од понеделник!

Не си ти за трошки да ти фрлаат

Од едицијата „модерно дејтање”:  breadcrumbing

Oваа модерна појава засега нема соодветен превод, но би можела да кажам дека „оставање трошки“ би било соодветно, а сега ќе ви кажам и зошто.

Кога некој постојано флертува, но тоа го прави прилично површно, а сепак остава нешто за кое другиот ќе се „закачи“ и со тоа го навлекува да биде заинтересиран, ете токму тоа е „breadcrumbing“, односно оставање ситни трошки, за лажна надеж дека ќе се стигне до парчето леб.

Лекциите за „ghosting“ и „gaslighting“ веќе ги поминавме, од кои првото некогаш е и оправдано, а второто веќе е психичка тортура и изживување. Третово, за кое зборуваме, е повеќе личен проблем, кога некој сака ем да манипулира, ем да привлекува и добива внимание, ем да ве држи заинтересирани долго бидејќи тоа му го полни егото, но сепак да си остави простор истото да го прави и на некој друг.

Но, како да ги препознаеме алармантните однесувања, кога веќе сме свесни дека сме слепи кога сме затрескани во некого?

Планови што никогаш не се остваруваат

Оставачите на трошки ќе прават планови со вас, ќе ве бараат да се видите, ќе ви пишуваат пораки и ќе се слушате по телефон и потоа во последен момент ќе откажат или воопшто нема да ве побараат, иако најавиле такво нешто, ќе ги снема и по 2-3 недели повторно ќе се појават. Затоа и со ваквите личности не ни знаете на што сте, никогаш.

Играње топло-ладно како начин на манипулација

Додека трае разговорот се топ, дури и е интересно да зборувате на најразлични теми, кои го вклучуваат и развојот на вашиот однос. Но, што се случува следниот ден? Ќе пишете порака и нема ни да добиете „seen“, а во најлош случај само едно „важи“ или „ок“ и ништо повеќе, ништо помалку. За ваквото однесување ниту ќе добиете објаснување, ниту некогаш самите ќе успеете да го разберете.

Нивното однесување не значи ништо

Дури и пораките кои ги добиваш никогаш не си сигурна дали се испратени онака или навистина се интересира како си и што правиш будна во 2 по полноќ. Веројатноста е дека со овие пораки сака да те потсети дека постои (во случај да имаше заборавено) и дека не планира да те пушти да се повлечеш така лесно како што имаше замислено.

Но, зошто?

Причини за вакво однесување може да има милион и ниедна не е оправдана, веднаш да кажам. Психолозите забележале повторувачки однесувања, кои укажуваат дека овие луѓе се чувствуваат подобро во своја кожа кога знаат дека некој чека на нив или ги мисли. Генерално се работи за луѓе со ниска самодоверба, несигурни во себе кои бараат постојана валидизација од околината. Имаат голема потреба од потврда дека вредат, а туѓото внимание често е токму таа потврда која очајно им треба. Друго објаснување е дека се големи нарциси и се чувствуваат добро кога си поигруваат со некого, без да имаат ни трошка (точно) грижа на совест.

И секако, една од причините им е дека можеби веќе се во врска, но сепак им треба вниманието од други личности. Веројатно или не се среќни во таа врска или пак, веќе им е во навика влезено некој да ги „брка“, а тие да глумат недопирливи.

Што можеш ти да направиш?

Една опција е да си одиш и да не се свртиш назад, бидејќи поголема е веројатноста дека и да дадеш нова шанса, ваквото однесување ќе се повторува и понатаму. Најдобро е да бидеш искрен/а кон себе и да ѝ погледнеш на реалноста во очи и да не се залажуваш, но во исто време можеш (ако сакаш) да ѝ дадеш до знаење на таа личност дека знаеш што се случува. Не паѓај на нивното ниво, бидејќи колку и да звучи клише, ќе те победат со искуство. Не се плаши да се оддалечиш, бидејќи никој недолжен не заслужил да биде дел од ваква нефер игра. А знаеш ли зошто? Затоа што вредиш многу повеќе и си сигурно подобар/подобра од обичен собирач на трошки. Ти точно знаеш што бараш во животот и колку вредиш, не се задоволувај со ништо помалку.