Ако поддржуваш ЛГБТ не значи дека си геј, ако поддржуваш борба против насилство не значи дека си жртва, ако поддржуваш борба против рак не значи дека си болен, само ако тресеш глупости значи дека сигурно си глуп!

Ќарот од „не ми е гајле“

Некои луѓе и на сто години сè уште се занимаваат со тоа кој што рекол, кој како ги погледнал, зошто некој не им ја лајкнал фотката и што мисли соседот за нивниот нов фрижидер. Има една работа, се вика незамарање и треба да ја научиш.

Да не ти е гајле не значи дека си безобразен, ладен, себичен човек или дека си ја изгубил/а способноста да чувствуваш. Напротив, можеби конечно си почнал/а да ги чуваш чувствата за нешта што навистина заслужуваат да ги трошиш. Тоа е моментот кога сфаќаш дека не мораш да имаш мислење за сè, да реагираш на сè, да објаснуваш сè и, особено, да бидеш во секоја туѓа драма како да си член на продукцијата.

Најголемиот бенефит од незамарањето е менталниот простор. Одеднаш имаш многу повеќе место во главата за сопствените мисли, планови и проблеми. Не ги репродуцираш туѓите муабети пред спиење, не анализираш зошто некој употребил чуден тон, не составуваш одговори на разговори што завршиле пред три дена. Мозокот конечно престанува да работи како дежурна служба за туѓи постапки. И замисли, одеднаш можеш да заспиеш без да одржиш внатрешна конференција за нечие однесување.

Другиот голем бенефит е енергијата. Колку само животна енергија трошиме на луѓе и ситуации врз кои немаме никаква контрола. Некој е нерасположен, па ти се прашуваш дали си виновен/на. Некој те озборува, па ти сакаш да ја исправиш сликата за себе. Некој не те разбрал, па ти подготвуваш објаснување во три продолженија. А вистината е дека некои луѓе не сакаат да те разберат, некои едноставно немаат капацитет, а некои се толку зафатени со сопственото постоење што твоето објаснување ќе им биде интересно отприлика колку упатството за машина за перење. И тоа е сосема во ред.

Кога ќе престанеш да се замараш со туѓите мислења, почнуваш да носиш одлуки без да организираш референдум во околината. Не мора секој да ја одобри твојата работа, врска, изглед, избор на облека, начин на живот или одлука да не одиш никаде во сабота навечер. Можеш да направиш нешто затоа што тебе ти одговара, а не затоа што ќе изгледа добро од перспектива на публика која, патем, има сопствени проблеми и веројатно не размислува за тебе ни приближно колку што си замислуваш. Тоа е ослободувачко. Не мораш да живееш како да си на постојан кастинг за туѓо одобрување.

Има и еден прилично потценет бенефит: стануваш помалку реактивен/на. Не мора секоја провокација да добие одговор, секоја неправда да стане лична битка, секоја глупост да биде исправена. Понекогаш најдобриот одговор е да не дадеш никаков одговор. Не затоа што немаш што да кажеш, туку затоа што си сфатил/а дека не секоја дискусија вреди да ја платиш со сопствениот мир. Замисли колку време би заштедиле луѓето ако не се обидуваа да победат во секоја расправија на слава или на интернет.

Незамарањето носи и подобри граници. Почнуваш да разбираш дека туѓото незадоволство не е автоматски твоја одговорност. Не мораш да спасуваш нечие расположение, да ги исполнуваш туѓите очекувања, да се правдаш за секое „не“ или да се чувствуваш лошо затоа што не си достапен/на за сите во секое време. Не си јавна институција, ниту сервис за корекција на туѓи емоции. Не си ни контакт центар да ти се јавуваат само кога им требаш, а ти да им решаваш проблемите. Луѓето можат да бидат разочарани од твоите одлуки. Слободно.

А можеби најубавиот ефект е што почнуваш повеќе да уживаш во сопствениот живот. Кафето е повкусно кога не го пиеш додека анализираш туѓ проблем. Викендот е подолг кога не се занимаваш со тоа кој каде бил. Одморот е вистински одмор кога не проверуваш што прават луѓето од кои си избегал за да одмориш. Има нешто прекрасно во тоа да не знаеш сè, да не следиш сè, да не коментираш сè и да не бидеш информиран за секоја туѓа епизода. Светот ќе продолжи да се врти и без твоето мислење за секоја негова ротација.

Сепак, уметноста на „не ми е гајле“ не значи да ти биде сеедно за сè. Значи да научиш да правиш разлика меѓу она што заслужува внимание и она што само ти го краде. Да ти биде гајле за луѓето што ги сакаш, за сопственото здравје, за работите што ги создаваш, за мирот што си го градел и за животот што го живееш. А за туѓите комплекси, проекции, очекувања, озборувања и бескрајни потреби да бидат во центарот на вниманието? Некако ќе се снајдат и без твоја асистенција, публика и психоанализа. Нив им е буквално сеедно кој ги слуша.

Незамарањето не е рамнодушност. Тоа е селекција. Не си станал/а човек без емоции, туку човек што повеќе не дели емоции на сите страни како флаери во супермаркет. И кога еднаш ќе ја почувствуваш леснотијата од тоа да не мораш да знаеш, да реагираш, да објаснуваш и да се докажуваш, тешко дека повторно ќе посакаш да се вратиш на старата функција: генерален менаџер на туѓите животи ама плус и кадрово.

Некои работи навистина не се твој проблем. А тоа е една од најубавите вести што можеш да си ги соопштиш на себе.

А сега да видиме што се случува во телото кога конечно ќе престанеш да се замараш со туѓите животи. „Не ми е гајле“ не е само филозофски став, туку и прилично добра вест за твоето здравје. Замисли дека мозокот е директор на една мала фабрика, а хормоните се вработените што постојано добиваат задачи. Кога се замараш со сè, мозокот постојано проценува опасности: зошто некој не ти одговорил, што мислел со онаа реченица, дали некој те озборува, зошто некој е лут… За него, секоја од овие ситуации може да биде мал стрес. Иако не те брка лав, мозокот понекогаш се однесува како да те брка цела зоолошка градина. Тука се активира системот за одговор на стрес и лонг стори шорт лачиш кортизол. Тоа е хормонот кој му помага на телото да се справи со стресот. И чисто да знаеш, високите нивоа на кортизол поради хроничен стрес можат да поттикнат телото да складира маснотии во пределот на стомакот и да ти направат меше. Кортизолот го зголемува вниманието, мобилизира енергија и те подготвува за реакција. Одлично кога навистина има опасност. Малку помалку одлично кога опасноста е пасивно-агресивен коментар од некој небитен лик.

Кога постојано си во состојба на грижа, неизвесност и нервоза, овој систем може да остане премногу активен, а хроничниот психолошки стрес е многу нездрава работа според неколку медицински гранки.

А сега доаѓа убавиот дел. Кога ќе престанеш да реагираш на секоја ситница, кога ќе прифатиш дека не мораш да ги контролираш туѓите мислења и постапки, мозокот добива помалку сигнали дека треба да активира аларм. Парасимпатичкиот нервен систем полесно ја презема улогата на смирување. Срцевиот ритам се намалува, мускулите се опуштаат, дишењето станува помирно, а телото полесно се враќа во состојба на одмор и обновување. Со други зборови, не само што си заштедуваш нерви, туку му дозволуваш на телото да престане да се однесува како да има итна седница на секои пет минути.

Има и уште нешто. Хроничниот стрес може да влијае врз сонот, апетитот, регулацијата на шеќерот во крвта и начинот на кој телото управува со енергијата. И со тоа да имаш меше и да не можеш да ги закопчаш фармерките и да не ти стои ниедна тесна сукња. Кога си помалку оптоварен, полесно спиеш, подобро се концентрираш и имаш повеќе капацитет за нормални секојдневни активности. Не е дека со едно „не ми е гајле“ ќе си ги нормализираш сите хормони, но намалувањето на непотребниот стрес е реална придобивка за здравјето. Понекогаш најздравото нешто што можеш да го направиш за себе е да си кажеш: „Не е мој проблем“. И да го оставиш телото да си ја работи работата, наместо постојано да го држиш на состанок со туѓите проблеми.