Читам некој текст “луѓето секој ден се глупираат”…луѓе, јас можам и ноќе тоа

Знаете ли дека има луѓе кои се плашат да спијат?

И се постојано изморени

Низ животот ќе се сретнете со различни луѓе, карактери, навики, стравови, но никогаш не мислев дека има такви кои имаат страв и анксиозност од тоа да заспијат.

Тоа се оние кои успеваат да дремнат едвај по неколку часа, постојано се уморни, но и следната вечер е истото. Едноставно, не можат да го направат тоа и некогаш мора да земаат и лекови или средства за смирување, само за да го запрат мисловниот процес на голем страв и да можат да се одморат. Не би сакала да сум им во кожа, искрено.
Ова не е нешто непознато и е познато како „sleep anxiety“ или би го кажала, анксиозност поради спиење.
За овие луѓе легнувањето навечер е еднакво на стрес, а и кога ќе успеат некако да заспијат, не можат да ги постигнат оние длабоки фази на сонот, во кои всушност се одмараме и регенерираме. Поради тоа наутро се лошо расположени, никогаш не се наспани, ниту одморени, често имаат и други придружни тегоби, бидејќи телото се бори против тој недостаток на сон.


Причини за ваквата појава
Причини може да има навистина многу, почнувајќи од секојдневните стресори, страв, несигурност, мисли кои само се нижат и никогаш не запираат, сценарија во главата, но и поради кошмари и реалистични соништа.
Може да им се случи и на луѓе кои претрпеле некаков стрес спиејќи, на пример провала на крадци дома, поплава, пожар, но и други немили настани поврзани со креветот во кој спијат (на пример, допирање или силување од некој со кој го делеле домот/креветот). Во вакви случаи, потребен е посериозен пристап во третирањето на состојбата.
Но, кога се работи само за епизоди на „sleep anxiety“, би вредело да се обидите самите да си помогнете.
Што да направите, а што да избегнувате?
Ако прво на памет ви паѓа да се напиете мелатонин, можеби тоа е и добра одлука. Овој препарат успева да го смири мисловниот процес, со што ќе дозволите сонливоста да победи и надежно да поспиете повеќе од обично, без да се гушите во лоши мисли и сценарија.
Избегнувајте да читате или гледате некакви хорори, да се изложувате на светлина од електронски уреди, или на каков било начин да си создавате чувство на небезбедност и страв. Многу е полесно да се каже, отколку да се примени, но верувам дека постојат начини сето тоа паметно да се изменаџира.
Сите често наместо да си легнеме, гледаме уште некоја епизода од серијата или видеа на социјалните мрежи, а тоа ни го држи мозокот буден, дури и кога телото буквално плаче по спиење.

А што се однесува до анксиозноста, ова е процес во кој мора да идентификувате што прави да се чувствувате така. Некогаш свесниот дел од нас не ги перцепира знаците кои нашата психа веќе ги процесира. Затоа некогаш ни треба повеќе време да сфатиме што е она што преку ден нè вознемирува до оној степен што ноќе нè остава без сон. Можеби тоа е настан на работа, конфликт меѓу пријателите, здравствени промени, разговори со семејството или чудно однесување на некој кој ни е близок.
Дури и мислите и настаните кои ни се чинат „бенигни“, можат да бидат разорувачки за мислите и менталното здравје.
Па, ако забележите дека ноќе не можете да спиете и секогаш сте нервозни кога сте во кревет, најпрво исклучете ги физичките причини, како кафе или храна, за потоа да се фокусирате да откриете што се случува со вас.
Навистина е многу тешко да се биде очаен за сон, а да не можете да се наспиете. И секако, можете да пробате да се релаксирате со ароматерапија, туширање и чил-аут музика, бидејќи некогаш и самиот ритуал пред легнување прави да се опуштите и да не дозволите анксиозноста да ве држи будни до доцна во ноќта.