– Кои димензии на душеци ги имате? – За брачен кревет? – Не, за вонбрачен.

Зошто веруваат во фејкњуз?

И те убедуваат дека е вистина

Лажните вести, што си ги нарекуваме и фејкњуз, се шират со огромна брзина и ни се чини како бројот на луѓе што веруваат во нив да е многу поголем од оние што држат до факти. Всушност, навистина е така и често сме се запрашувале зошто, а и самите во даден момент сме поверувале на нешто што отпосле се покажало како фејк.

Пандемијава на Фејсбук создаде отворено поле и фејкњузот бомбардира од сите страни. Но, денес малку ќе се позанимаваме со феноменот зошто е полесно некој да поверува во нешто лажно и да се противи на фактите, наместо да се помири со нив и да ги прифати.

Повеќе психолози се занимавале со ова прашање во последниве неколку години и дошле до заклучок: Кога висиш на социјални мрежи, способноста на резонирање ти се намалува, па затоа дозволуваш да бидеш повлечен од толпа и да се согласиш со она мислење што има повеќе лајкови и споделувања. Многу луѓе не се трудат да размислат дали нешто е логично или не и го прифаќаат како вистина од прва.

Но, од друга страна, авторите на фејкњуз имаат неверојатен талент да аргументираат и да направат аргументите да изгледаат логично и издржано. Кога се во прашање реалните нешта, тие имаат информативен карактер и на прв поглед се пооскудни со информации и аргументи и не навлегуваат во детални објаснувања, додека не ги добијат од некој компетентен.

Друго објаснување лежи во мрзата на луѓето да размислуваат, но и дека интересните и несекојдневни нешта ги возбудуваат и интригираат и се спремни да читаат повеќе и повеќе, без да се запрашаат за релевантноста. Ова објаснува и зошто ни е полесно да прочитаме роман и да запаметиме многу детали, а една обична лекција од учебник ни е потешко сварлива. Всушност, нашите мозоци се склони кон фикција, бидејќи таа не бара многу размислување и логика. Тоа е многу битен момент од нашата психа кој некој нашол начин како да го адаптира и примени во некаква корист.

Затоа и многу полесно веруваме дека лук и сода се магичен лек, особено ако тоа го потврди некој извесен руски лекар од стара школа, отколку дека треба да побараме лекарска помош за некој здравствен проблем. Ова тврдење доволно пати се повторува низ интернетот, а кога нешто ќе повториш 100 пати почнуваш и самиот да веруваш дека е така. Фактите лесно ги игнорираме бидејќи во нив нема ништо возбудливо. Затоа пропагандата полесно се шири, во каков и да е облик.

А вие, не бидете толку мрзливи и не земајте сè што ќе видите здраво за готово. Доволно сте паметни за самите да проверите што е вистина, а што не, па дури и да истражите ако ве интересира.