– Ама на сајтот пишуваше 15м од плажа… – Па да бе господине, 15 минути. Со кола.

И пријателства се раскинуваат

Особено ако повеќе пречат од што вредат

Сум сретнала многу луѓе кои постојано се жалат од нивните пријатели, но и понатаму го негуваат и спасуваат тој однос, затоа што вложиле многу време во тоа, биле заедно во тешки моменти, им се нашле кога никој друг не бил тука…

Сето тоа е легитимно и не велам дека не сум направила таква жртва или прогледување низ прсти, само затоа што некој пријател ми значел и не сум емотивно и ментално спремна да го прекинам сето тоа.
А кога ќе се случи, секогаш имам впечаток како и на другата страна да ѝ олеснува што не сме веќе пријатели. И можеби младите ги боли вакво нешто, особено доколку се бараат себе и мислат дека вредиш колку што имаш пријатели (затоа што така ни викаа и нас). Но, олеснувачка вест е што пријателства се градат и кога сте возрасни и кога имате различни приоритети од оние во младите години.
„Трпи во име на тие 20+ години…“


Не, немој да трпиш. Кога пријателот ќе стане премногу токсичен за тебе и дружењето ти претставува напор, време е за дистанца. Без ваквите луѓе се живее и тоа навистина лесно.
Но, ако забележите дека во меѓувреме:
-Ниту уживате во дружење, ниту сакате да се дружите
-Се чувствувате исклучени од нивниот живот
-Не сакате да ги вклучувате во настаните од вашиот
-Не ви недостигаат
-Ви се лоши ако видите порака од нив
-Сметате дека ви треба дистанца
Тогаш веројатно и треба да ја поставите таа дистанца. Нормално е да се оддалечувате од пријатели со кои веќе немате слични интереси во животот.
Нормално е да ве нервираат нивните постапки. Нормално е да мразите што им текнува на вас само ако им треба услуга или рамо за плачење. Но, не дозволувајте тие 10, 20, 30 години пријателство да бидат причина да се чувствувате должни кон нив.
Дури и на најцврстите пријателства некогаш им треба време и простор за да опстанат. Не секое пријателство е создадено за да биде вечно, колку и да не убедуваат дека треба да биде така.


Вистинскиот пријател ви е поддршка во вашите одлуки, не ви е љубоморен што се поуспешни или поостварени од него/неа и не се обидува да ве надмине во тоа. Всушност, секој треба да си го гледа своето, без да прави другиот да се чувствува мизерно.
До каде се толерира?
Секој има свои граници на толеранција. Вистинските пријатели добро знаат до каде се вашите. Другите ќе го искористуваат и злоупотребуваат факторот долго другарство, од мали нозе и слични такви фрази со кои емотивно ќе се обидат да ве заробат.
Затоа, потребни се граници. Како што ги поставивте за партнерот, за браќата и сестрите, па дури и за родителите, така и за пријателите треба само да им покажете до каде им е дозволено да одат.
Само затоа што сте заедно од детство, не значи дека треба тоа дружење да им го наметнувате и на децата, на пример.
И колку и да не сакаме да признаеме, секој однос има рок на траење. Само што, некои од тие односи и врски траат колку свежо подготвена торта со крем од јајца и млеко, а други колку конзервиран зеленчук или сушена пршута.