Машките што те смеат се далеку посимпатични од сите други заедно, нели?

Каква е таа „чиста исхрана“?

Или „clean eating“

Следам трендови во исхрана, за чисто да видам до каде може да се оди со неизбалансирани режими кои освен јо-јо, друг подолгорочен бенефит искрено и немаат.

Од една страна поддржувам секој да се храни онака како што му одговара на телесната конституција, на општиот начин на живот и навиките, но од друга страна не можам да се согласам со агресивните обиди одреден начин на исхрана да се прикажува како подобар од сите други.

„Чистата“ исхрана не е само диета, туку и животен стил и во голем дел од концептот има многу логика. Ограничување на процесирана храна е нешто што треба сите да го направиме, за да не се полниме со калории, без никакви нутритивни вредности. Но, не секој е во можност да посети селска фарма каде производството е контролирано и органско и да купи што му треба.

Да се храниш „чисто“ значи да ограничиш или целосно исфрлиш сувомесни производи, смрзната полуготова храна, сосови во тегла, купечко готово кафе, оброци што само треба да ги подгрееш, сирупи, преливи, па дури и корнфлекс и мусли. Тука спаѓаат и џемови, кремови, газирано, па дури и сладолед. Сите овие производи се полни со шеќер, конзерванси, сол, адитиви и други состојки кои им го даваат тој долг рок на траење. Колачи подготвени дома сигурно не траат со месеци, како што траат пакуваните.

Купувањето локално е одлична идеја, бидејќи ги помагате и производителите и купувате добра храна за себе. Но, разбирливо е дека секогаш не е возможно да знаете кој одгледува кокошки и кој има најдобри јаболка во овоштарникот. Според мене, доволно е да се навикнеме да одиме на пазар, наместо да купуваме во маркет, но пак ќе речам, овие нешта многу зависат од достапноста.

Сепак, она што го поддржувам во секое време е распоредување на помали оброци во текот на целиот ден, наместо прејадување со еден или два. Ако нешто научив во животов е секогаш да гледам да имам нешто да јадам, наместо да се изгладнувам меѓу два оброка. Тоа води кон прејадување, лош енергетски баланс, а да не правиме муабет за тоа колку е лошо за варењето. Во овој контекст, треба да се спомне и дека порциите треба да бидат количински добро избалансирани, бидејќи ако изедеме огромна количина наеднаш, се губи концептот на мали оброци повеќепати во текот на денот.

За брзо време ќе забележите дека овие мали измени не само што се добри за здравјето, дуку и дека не се толку голем товар за паричникот. Секако, сите промени си бараат посветеност и откажување, ама кога се работи за здравјето и животниот стил, тука нема компромиси. И на крај, најважна од се е самодисциплината – затоа што телото нема да ни ги прости ниту вишокот шеќери, ниту животниот стил кој подразбира брза и лоша храна цело време.