Лесно е што да праите ако животот ви даде лимони…ај да ве видам ако ви дае пача!

Кои се компулсивните лажговци?

Им има ли спас?

Дали некогаш сте фатиле некого во лага, но и покрај тоа што вие и сите други сте свесни дека „суши“, таа личност всушност целосно си верува на тоа што го кажува? Или барем така се чини.

Секој од нас во животот се има соочено со некој кој компулсивно лаже и никако не се менува, колку и другите да му воочуваат дека знаат што се случува. Има ли оправдување за овие луѓе? Може ли да им се помогне? Сакаат ли да бидат спасени од мрежата на лаги која самите ја создаваат? Не би знаела, бидејќи не сум сретнала некој да закрепне од тоа.

Тие лажат буквално за сè. За ситници, за големи работи, за баналности од типот на боја на долна облека или чорапи, креираат живот во својата глава и го презентираат пред другите. Во даден момент се освестуваат што прават, некои дури кажуваат дека се мразат самите себе поради тоа, но не можат да си помогнат и продолжуваат со уште поголема лага.

Но, дали тоа им пополнува некоја празнина во душата? Им прави ли да се чувствуваат поубаво пред другите, додека навечер заспиваат во својата реалност која е различна од животот кој го презентираат пред другите?

Некогаш и реакциите на другите не се многу соодветни, бидејќи ги оставаат овие луѓе да тонат во лагите, без да им дадат до знаење дека се свесни што се случува. Ова ги залажува лажливците дека другите им веруваат и тие земаат уште повеќе сила. Но, во реалноста, служат како предмет на потсмев и тоа е навистина тажно, бидејќи обидувајќи се да ги сфатам, сфатив дека всушност си пополнуваат некоја празнина која ја имаат, креирајќи сценарија кои веројатно никогаш нема да се остварат.

Луѓето не се глупави и за многу кратко време ги откриваат дури и највештите лажговци. Уште повеќе ме загрижува и фактот дека не секој ќе покаже разбирање, туку ќе го искористи моментот да ги изложи на посрамување пред друштвото или во работниот колектив.

Но, што се случува потоа? Некогаш се освестуваат, пробуваат да се сменат, признаваат дека имаат проблем и потоа? Потоа веќе не можат ни самите да направат разлика што е факт, а што фикција. Можеби во некој момент повторно се освестуваат и се срамат што се опкружени само со лага и измислици, ама за жал сум видела многу луѓе како остануваат без пријатели токму поради ова.

Сигурно не е лесно да се помири некој со реалноста дека го нема животот за кој фантазира. Закрепнувањето може да трае предолго, но кога еднаш ќе ја отфрлите лагата и ќе ја прифатите вистината, ќе сфатите дека не постои ништо порелаксирачко од тоа. Ќе научите кога е добро да се употреби „бела лага“ или да се премолчи вистина која може да повреди.

Последниот чекор во ова закрепнување е прифаќање на реалноста и отфрлање на секоја заблуда. Само на тој начин компулсивните лажговци би можеле да се спасат од тој вртлог во кој може да живеат и со години. Живејте автентичен живот – тој е најдобра опција за вас.