Ако се смее на твоите глупи шеги не значи дека си духовит, може и треба услуга

„Логиката“ зад неносење маска

Со коронава се бафтаме од март, еве го август дојде, а една иста работа се труби со месеци: носете маска и држете растојание. Е сега, гледаме како маската се носи на врат, на брада, само преку уста, само преку нос, на рака како ултра модерна алка, над лактот, под лактот, наместо бројаница на ретровизор, ама никако така како што треба, преку нос и уста – секоја чест на оние кои почитуваат.

Она што паметните луѓе научија досега е дека носењето маска е клучно во превенцијата, но постои една специфична група која никој никако не може да ја убеди дека мора така, па директно и индиректно ги загрозуваат сите околу нив. Искрено, малку е разочарувачки што многу лица носењето маска го сфаќаат како слабост, што на некој начин им е поважно од тоа да бидат заштитени. Никој не е супериорен над никого и вирусов многу добро ни го докажа тоа. Носењето маска е лесен и едноставен начин да спречиме натамашно ширење на заразата.

Знаете ли дека има луѓе кои поради низа медицински причини не треба да носат маски долго време? Нивната заштита зависи од останатите, кои немаат реални здравствени проблеми поради кои би избегнувале носење. Ако го игнорираме вирусов, тој нема да исчезне, напротив, може да земе уште поголем замав. Затоа, побогу, држете се до едно и единствено едноставно правило: носете маска таму каде нема можност за растојание.

Заборавете на она: „Топ сум, не ми треба маска“, „Јак имунитет имам јас“, „Што сте се уплашиле сите од коронава?“, „Не спаѓам во ризична категорија“, „Имам прележано грип, што е ова за мене“ и такви некои оправдувања, бидејќи замислете, секој е во ризик. Буквално секој. На сите ни е тешко да дишеме низ маска, топло ни е, точно, на сите, не само на поединци. Можеби ти не си во ризична група, ама твоите дома се. Бремени жени се, луѓе со слаб имунитет исто така… Можеби и не сте толку здрави и јаки ни вие колку што си мислите дека сте.

Застанете за момент, погледнете во бројките и во луѓето кои изгубија некого поради вирусот, кои останаа без работа поради кризата, кои не можат да се видат со роднините со месеци, лекарите кои се немаат прибрано од дупли смени… Сето тоа може да се среди. Една е препораката. Носете маска!