Брзината со која носам лоши одлуки во животот е побрза од брзината на светлината

Можеш ли да сакаш некој кој се мрази?

И зошто е тешко?

За луѓето кои ни значат сме спремни да направиме многу, па поради тоа не ни е ниту тешко да најдеме причина да ги сакаме дури и кога се чувствуваат за никаде.

Но, да се обидуваш да сакаш некој кој се мрази себе е како да пробуваш да наполниш со вода кофа која има дупка. Себемразењето нема граници, нема дно, нема површина и дури и да мислите дека можете да ги сакате овие луѓе, по некое време ќе сфатите дека бесконечно давате сè од себе, а за возврат добивате празнина. Или уште подобро, тоа е исто како своите емоции и труд да ги фрлите во тоалетна шолја и да пуштите вода за да ги однесе во отпад.

Не е дека оваа личност не ве сака. Напротив, поради недостатокот на љубов, нивната енергија ќе ве привлече, давајќи ви привидна надеж дека имате доволно љубов и за двајцата. Но, по некое време ќе сфатите дека за некој да умее да сака вистински, треба најпрво да се сака и себе. Длабоко во себе ќе ве обожаваат вас, но во пракса ќе придонесат да се сомневате во сопствената вредност, ќе ве опкружат со својот мрак и ќе ви ја одземат целата љубов која ја имате.

Знам дека желбата да ги сакате нема да исчезне. Ќе се трудите да им покажете дека вредат да бидат сакани, да внесете светлина во нивниот живот, да им покажете и дека имаат уникатност и автентичност, но не заборавајте дека немате толку многу сила и капацитет. Ќе се трудите со љубов и радост да надоместите за нивната меланхолија и себесожалување. Ќе се обидувате, ќе сакате да се повлечете, ќе пробате пак и ќе се надевате дека конечно ќе почувствуваат како е да имаш светлина во срцето. Но, кога ќе мислите дека сте успеале, повторно ќе ви покажат дека се мразат себе, а вие веќе сте потрошиле голем дел од своите емоции за ништо.

Еден од ризиците е да станат зависни од вашата љубов, „тапшање“ по рамо и одобрување. Ќе ви ја наметнат потребата да им покажувате љубов, за да се чувствуваат подобро, за на крај сепак да не успевате во тоа. Ќе им премине во навика да бидат сакани, дури и кога знаат дека не се доволно добри, бидејќи тоа ќе направи за момент да се чувствуваат добро.

Но, кога ќе заминете, кога ќе се разделите, тие повторно се враќаат во својот вртлог на сожалување, разочарување, бес и омраза кон себе, па вашиот труд бил тотално залуден. Ќе се плашите дека ако прекинете, ќе предизвикате да се чувствуваат уште полошо, а ако останете, ќе се плашите дека некое ваше однесување може да ги повреди, дури и најнаивното.

Како и да ги свртиме нештата, дури и да поседувате бесконечна количина љубов, во даден момент ќе се почувствувате предадено и наивно, разочарано… Спротивностите во овој случај не се привлекуваат, за жал, туку само може да ве испразнат, додека не ве претворат во бездушна фигура која го мрази своето постоење. А не ве учам така да се сакате себе.