Оние луѓе што три месеци ќе те гонат за кафе, одиш и ти вика “и, кажи нешо” !!?!!

Не е до тебе, до траумите е

Четири видови на поврзување

Секој човек се поврзува и комуницира на одреден начин. Начинот на поврзувањето се оформува во рано детство и најчесто е односот на родителите со детето. Има врска и начинот на воспитување, а и искуствата во животот и траумите од нив. Начините на поврзување се делат на сигурни и несигурни.

Сигурен (secure attachment ): Луѓето со сигурен стил на поврзување обично се чувствуваат комфорно во меѓуличните односи. Тие имаат самодоверба, спонтани се и доверливи во односите со другите. Сигурните поврзувачи често имаат здрава самосвест и не се преоптоварени со стравови од критика или потреба од туѓа валидизација. Во комуникција со другите имаат поставено граници, сигурни се во себе и имаат тенденција отворено да разговараат и за емоциите и за проблемите со кои се соочуваат и да ги решаваат ако сметаат дека вреди. Луѓето со сигурен стил на поврзување се стабилни, не се агресивни во комуникацијата, не живеат во идеализацијата на другата личност туку пробуваат да ја прифатат каква што е. Покрај нив се чувствувате посмирени и ви ја дигаат самодовербата со тоа што практикуваат да ви ги потенцираат вашите добри страни. Тие нема да толерираат токсичен однос, нема да толерираат манипулации и нема да останат во било каква релација која ги загрозува или станува нездраво комплицирана. Генерално се позитивни и оптимистични луѓе кои знаат да проценат што е добро за нив и држат до своето достоинство и себепочитување. Ова е најпосакуваниот партнер за романтична релација.

Анксиозен (anxious attachment style): Еден од несигурните типови на поврзување е анксиозниот и е типичен за луѓе кои ги ставаат своите потреби последни и обично се опседнуваат со партнерот или врската. Луѓето со овој стил на поврзување не се снаоѓаат во меѓуличните односи и се чувствуваат несигурни во нив. Тие можат да бидат преоптоварени со стравови за одбивање или оценување од страна на другите до тој степен да се комплетно сервилни за да останат во контакт. Во романтичните релации анксиозноста го достигнува својот врв. Се опседнуваат со партнерот, се опседнуваат со страв дека ќе си замине и наместо да почнат рационално да размислуваат и да ги комуницираат своите потреби и чувства тие почнуваат да го гушат партнерот со внимание. Овие луѓе знаат да ви го прегорат телефонот од пораки, да направат драма ако не им одговорите веднаш, да бидат нездраво љубоморни до степен на скандали. Сакаат да бидат со партнерот цело време, врската им станува животен приоритет и партнерот е под константна анализа дали случајно трга да се лади или да ги остава. Конфликтни се и имаат бурни кавги обично тригнати од нивните ирационални стравови. Идеален партнер би нашле во сигурниот тип на поврзување и врската нема да биде ролеркостер од емоции бидејќи сигурниот тип е балансиран. Но, анксиозниот тип, за жал, најчесто се поврзува со следниот несигурен тип, а тоа е избегнувачкиот.

Избегнувачки (avoidant attachment ). Веројатно најтрауматизираните во детството, оние кои во рано детство се убедиле дека можат да живеат без љубов и емоции бидејќи не ги добивале често или ги добивале во некоја нездрава форма. Овој стил се карактеризира со избегнување на длабоки меѓулични односи кои предизвикуваат емоционална близина. Луѓето со избегнувачки стил често имаат тенденција да се држат дистанцирано од интимни односи и можат да избегнуваат да изразат свои емоции. Тие се неспособни да перцепираат и да разберат емоции кога се насочени кон нив и ги регистрираат како нешто непознато во кое не се снаоѓаат па го одбиваат од себе субјектот кој им ги праќа емоциите гледајќи го како некој кој им ја загрозува псевдореалната сигурност која си ја имаат створено за себе како комфорт зона. Се држат до плитки релации и врски, а оние со пониска интелигенција пак развиваат слика за идеален партнер и чекаат да го сретнат.

Овој тип на поврзување се дели на два типа:

  • Првите (fearful avoidant attachment ) се со многу ниска самодоверба, лошо мислење за себе ама добро за другите, изразен страв од напуштање од партнерот, но истовремено потреба од некого во животот. Сакаат врска ама не можат да ја задржат бидејќи не знаат како, а не веруваат никому за да може да ги води низ процесот. Па така нивните врски се одвиваат по еден ист патерн каде наоѓаат потенцијален партнер, му посветуваат внимание бидејќи на почетокот нивната анскиозна страна работи појако и кога партнерот ќе покаже интерес се повлекуваат. Комуникацијата продолжува но е се посиромашна и послаба, нема интензитет, нема страст, нема интерес, а и не е континуирано. Почнуваат да комуницираат ретко, одговараат после одредено време иако телефонот им е цело време во раце, немаат интерес за да се гледаат често со партнерот. Не дека немаат време, туку од страв дека тој партнер ќе сака таа површна релација да ја продлабочи и тие се осеќаат дека нивната независност и слобода ќе бидат загрозени. Познати по одбивање и привлекување тактиката, миксани сигнали, навредливи коментари кон партнерот со цел да го направат несигурен, ситни манипулации за да видат до каде можат да одат, потреба од валидизација од околината за избор на партнер, успеваат да ја упропастат релацијата со сигурен партнер кој ова не би го толерирал. Но анскиозниот тип ќе се тригне и ќе почне да притиска повеќе и тука се случува тој токсичен однос на врски кои се вртат во круг.

  • Вторите (dismissive avoidant attachment ) имаат самодоверба, имаат страв од напуштање ама се убедуваат дека немаат потреба од некого во животот. Буквално делуваат како да им е сеедно дали сте тука до нив или не, нема да се јавуваат најверојатно, немаат иницијатива за ништо, не прават планови за ништо и најубаво им е ако не барате ништо од нив и да не рачунате на нив за ништо. Доколку видат дека немате никакви барања или очекувања, може да ви посветат внимание колку што тие сметаат дека треба и е доволно. Многу побрзо се повлекуваат од другиот вид на избегнувачки типови бидејќи имаат многу добро мислење за себе, а лошо за другите, па во прв момент кога ќе видат дека некој сака да им влезе во простор тие дигаат ѕидови околу нив. Најдобар партнер и за нив е сигурниот партнер, но со нивната недостапност попрво ќе привлечат анксиозен партнер кој ќе ги притиска, ќе се створи огромна токсична тензија и избегнувачкиот ќе го прекине односот. Овде ретко има круг од токсичност, овој тип не се враќа каде што видел опасност.

Несигурните типови на поврзување може да се третираат со психотерапија или работа на себе. Потребен им е партнер од сигурниот тип на поврзување кој ќе може да балансира и да им покаже здрав однос. Но, најчесто несигурниот тип не работи на себе, одбира да верува дека е несреќен во животот и затоа нема среќа во ништо и природно се линкува со анксиозен партнер, меѓусебе се поларизираат со турни привлечи тактиката на врска и тоа може да трае многу нездрави години токсичност. Несреќни, со неисполнети потреби, но сепак седат во врската за да не бидат сами или додека најдат друг партнер, иако знаат дека не им одговара. Луѓето со несигурен тип на поврзување се склони на изневерување, имаат константна потреба од љубовно бомбардирање од рана фаза на романса бидејќи тоа го гледаат како единствена валидизација.