Не е забавно, незрело е
Живеете во исти градови, посетувате исти училишта, се движите во слични кругови, ги учите истите работи, се забавувате на исти места, одите на исти на настани, ги имате истите основни стандарди и очекувања за вашиот живот ама како стареете гледате разлика меѓу вас и некои други луѓе.
Ги гледате тивките ефекти на привилегијата, на карактерот, на доброто одлучување и на лошото. Го гледате начинот на живот на некои луѓе, контролата над своите животи или неуспехот да го сторат тоа. Гледате кој се сменил, а кој не. Гледате кој пораснал, а кој не. Во текот на животот, ќе погледнете наназад и ќе сфатите дека има многу луѓе кои сте ги знаеле и кои останале токму таму каде што отсекогаш биле. Не географски, туку ментално и емотивно. Има луѓе кои сè уште се грижат за истите плитки драми, истите ситни проблеми, истата постојана игра на едно кревање и докажување кој има најсовршен живот. Има луѓе кои сè уште се изгубени во нијансите на истата игра на достојност што сите ја игравме во одреден момент во раните години. Има луѓе кои сè уште се однесуваат како да се во средно, со истиот начин на забавување и истиот начин на комуникација. Ќе сфатите, многу брзо, дека тие не се нужно лоши луѓе – тие едноставно никогаш не еволуирале. Тие никогаш не пораснале. Познати се под терминот „immature“, што значи незрели, недозреани или недораснати.
Меѓутоа не е ваша работа да им кажете дека треба да пораснат. Некогаш, луѓето се надраснуваат едни со други и тоа е сосема во ред. Можеби немале како да се оформат или немале капацитет да се развијат. Оние кои еволуирале и кои сфатиле дека со годините треба да расте и рациото, а да имаме целосна контрола врз емоциите, многу полесно се прилагодуваат на животните предизвици. Колку и романтично да делува во филмовите, слепо по емоции се водат само децата и кучињата, сите останати треба да научат да имаат контрола врз емоциите и потребите во животот. Но, можеби некои не сакале да пораснат, едноставно сакале да го поминат животот плитко и во псевдореалност. Можеби и ние би биле исти да не сме биле инспирирани, охрабрени, благодарни, тажни понекогаш, па сме се труделе да го извадиме најдоброто од себе. Вистината е дека не можеме целосно да го разбереме туѓиот начин на живот, иако деловите што ги гледаме преку социјалните мрежи може да ни дадат слика за нечив живот, обична таа ја толкуваме преку своите перцепции. Не можеме да ги принудиме другите луѓе да растат во точната насока за која решивме дека е правилна. Но, тоа што можеме да го направиме е да имаме критериуми и стандарди за луѓето со кои сакаме да се дружиме, па да се одлучиме за дистанца од оние околу кои не се чувствуваме пријатно. Нема потреба да пробуваме да разбереме зошто некој не се развил, треба да сфатиме дека не секој има исти капацитети или интереси во животот. Некои ќе останат вечно деца, некому тоа ќе му делува интересно, некому инфантилно. Некои ќе станат многу сериозни, некому тоа ќе му делува стабилно, некому арогантно. Убавината на животот е слободата да бираш како ќе живееш и со кого ќе се опкружиш. Секој со својот избор.