Да даваа земјоделски субвенции за берење туѓо гајле пола народ ќе се обогатеше

Самоизолација и само изолација

Седете дома имате раце за миење

Да бидеме малку сериозни. Самоизолацијата, колку и да си наоѓате нешто да се занимавате, може да биде навистина тешка да се поднесе, особено ако досега сте биле личност со динамичен начин на живеење, работа, дружења, курсеви, фитнес… На многу од нас ни е тешко да останеме дома, но овојпат мора да го направиме тоа.

Не е ништо чудно што целата ситуација создава параноја, паника, загриженост, overthinking, пцуење на сите оние кои не почитуваат една едноставна мерка. Ситуацијата не е воопшто едноставна, но тоа што не можеме да го видиме коронавирусот со голо око, не значи дека ќе нè одмине, затоа и се бара одговорност од секој поединец.

Ако сте меѓу оние кои ги почитуваат мерките, имате едно големо браво, другите, правец дома. Има денови, од нас зависи колку брзо или бавно се средува ситуацијава. Ако вас не ви е ништо, има луѓе на кои им е, не ги доведувајте во опасност со неодговорноста.

Затоа, држете се до следниве совети:

– Прифатете го како нормално и очекувано тоа што сте тажни, збунети, лути, па дури и бесни.

– Разговарајте за тоа, муабетите се едни исти, ама подобро е кога ќе ја поделите маката со друг. По можност преку телефон, имате време за по гости одење другпат.

– Бидете стабилни за вашите блиски кои веќе имаат хронична болест, ментално нарушување или општо нарушена здравствена состојба, нив сте им повеќе потребни.

– Информирајте се од релевантни извори, муабетите „комшика на колешката работи на клиника“ не помагаат.

– Заборавете на цигари, алкохол и секој токсичен начин со кој вообичаено го намалувате стресот. Вежбајте малку дома, зачистете, прочитајте книга…

– Ограничете го времето поминато на социјални мрежи со нешто продуктивно, таму се шират непроверени информации кои може да ја влошат вашата паника.

– Сигурно и порано сте морале да бидете изолирани привремено, поради операција, повреда, бронхит, што и да е. Сетете се како сте си го пополнувале времето тогаш.

Не ви го кажувам ова за да ви солам памет, туку само да ви се најдам во случај да поминувате низ такво расположение.

Значи:

– Имајте разбирање дека ова е минливо.

– Бидете свесни дека секој е загрозен.

– Следете ги новите вести и препораки.

– ПОЧИТУВАЈТЕ ГИ сите препораки.

– На крај, снајдете се, не сте мали деца да немате како да се занимавате.

Во оваа ситуација свесноста и одговорноста се најбитни. Колку што вас ве плаши ова, толку ги плаши и другите. Колку што вас ви е непознат вирусот, толку им е на сите. Покажете дека ги имате. Фала многу.