Кога сум во ПМС можам да се расплачам на реклама за прашок за перење

Социјализација после ковид-пандемија

Како да не биде непријатна

Некако си се навикнавме сите околу нас да се со маски преку пола лице, а дружењата да се кратки и ограничени колку што може. Сите сакаме назад во нормалното, ама дали сме подготвени на тоа?

Ако мислите дека вашите социјални вештини се променети изминатата година, тогаш сте апсолутно во право. Дека наеднаш ќе си ги вратите, 100% нема. Дека сите ќе ги вратите, исто така нема да се случи, бидејќи на сите нас, помалку или повеќе ни дојде памет околу некои нешта, секој индивидуално, нели.
Дали можеме таа транзиција од безбедниот меур на маските и короната кон старото или новото нормално да ја направиме што побезболна и поподнослива? Зависи од многу фактори. Тргнете од себе и:
Преиспитајте каде ви се новите граници
Изменети ви се и мора да го прифатите тоа. Дали можеби повеќе не сакате да ве допираат и да ви се доближуваат, ниту пак да ви зборуваат одблиску? Сите се обидувавме да останеме здрави во текот на оваа пандемија, па не е лошо да ги почитуваме личните граници и да не бараме од нашите пријатели да бидат истите како претходно.
Живот без маска?


Маската на многумина ни беше прибежиште и некој вид на заштита од околината, безбедно место во кое се криевме кога сакавме да избегнеме да зборуваме со некого, па се вадевме на „со маскиве не можеме веќе да се препознаеме“. Некои ќе продолжат да носат исто како оние кои не носеа цела пандемија. Почитувајте ги и не прашувајте да ви ја објаснат одлуката.
Не зборувајте за ковид-траумите
Сигурно на сите веќе ни е преку глава од пандемијата, а може да биде поприлично тешко да најдете тема за разговор кога ќе се сретнете со пријателите повторно. Исто им е и нив. Обидете се што помалку да зборувате за вирусот и стресните моменти. Има многу теми за разговор и иако е тешко, ќе мораме полека да ја оставаме во минатото. Се верува дека слични бранови како претходните нема да се повторуваат, со оглед на тоа што веќе се вакцинираме и не треба да дозволиме овие година-дена да ни бидат главна тема во следните три, на пример.
Кратките дружби се супер
Ако нешто јас лично научив, е дека не мора да се заседнуваме со саати некаде за да си поминеме добро. Тој начин на живеење заморува и штета што се случи пандемија, за да го сфатиме тоа бидејќи моравме. И тоа воопшто не е чудно или несфатливо. Се работи за целосен процес на реинтеграција во социјалниот живот и потребно е време да се случи.


И за крај, она што го викаме „осет“
Не секој е вакциниран, не секој е со истиот социјален статус како претходно и не секој сака да разговара за тоа. Не ги напаѓајте пријателите со прашања, а ако ве нападнат тие вас, можете пристојно да избегнете да зборувате за тоа. Изминатата година беше тешка за сите и доколку некој е спремен да зборува низ што сè поминал, самиот ќе каже, не мора вие да влечете „исповеди“ од нив.