Позади секој маж стои жена, а позади неа се наредени другарките

Дел од група, но не по секоја цена

За тие што одат против себе

Да се биде дел од група значи да бидеш опкружен со луѓе со слични ставови, пријатели со кои се согласуваш, партнер со кој сте компатибилни, колектив со кој делите иста цел, но некогаш сакаме да ги надминеме тие бариери и да ја прошириме таа група околу себе.

Така, една личност може да се најде во состојба да не може да се види со оние кои ѝ се вистински важни, бидејќи смета дека има обврска да излезе на кафе со некои епизодни ликови, бидејќи уште верува во она дека колку повеќе луѓе имаш околу себе, толку повеќе вредиш. Сепак, знаеме и дека времињата се сменија. Нема ништо лошо во пријатели и познаници, но не по цена оние вистинските да бидат оставени настрана.

Со својата група, без разлика што е она што ве поврзува, споделувате идеи, го исполнувате времето, се инспирирате едни од други и тоа е возбудливо. Но, до кога?

Замислете да ги минете сопствените граници и да згазнете врз своите верувања и ставови, само затоа што се различни од оние на групата. А луѓе го прават тоа. Се губат себе само бидејќи замислиле дека мора некаде да припаѓаат. Тој феномен се забележува кога се обидуваат да им се допадне некоја музика, серија, храна, пијачка, а сè зависи од тоа кому сакаат да се додворат и со која цел.

И тоа е една одвратна навика која многу од нас ја примениле барем еднаш во животот, мислејќи дека добиваме некаква предност пред другите, но единствено добиваме разнишан став. Да се разбереме, флексибилност е едно, газење по себе е друго. И треба навистина да размислиме дали вреди тоа газење за да се допаднеме некому или да бидеме прифатени некаде каде што е очигледно дека не припаѓаме.

Знам дека секој од нас може далеку подобро од тоа.