Некои девојки ќе врзат марама на глава и личат на ултра секси пинап грлс. Јас ко ќе врзам марама на глава личам ко да ќе бришам прозори.

Не ги игнорирајте проблемите со ментално здравје

Обрни внимание подетално

Кога имаме проблеми со себе, односно чувствуваме дека нешто „шкрипи“ во нашиот ментален баланс, инстинктивно ни доаѓа тоа да го споделмие со луѓето кои ги сметаме за најблиски и на кои најмногу им веруваме – другарка, сестра, партнер, родители, кој и да е, само да ни олесни.

Но, што се случува? Некогаш ниту ни олеснува, ниту ја добиваме поддршката која ни е потребна, рамо за плачење уште помалку, а зошто? Само поради тоа што решиле да ги употребуваат најклише фразите што може да бидат кажани, а кои ниту помагаат, ниту покажуваат барем емпатија.

Јасно ми е дека не секогаш можете да се соживеете со нечија состојба, исто како што не можам да очекувам дека секој ќе сочувствува со ист интензитет како што мене ми се случуваат проблемите, ама луѓе бе! Па има начин да бидете поддршка барем на оние кои навистина ги сакате, без да им викате „Што не поминало, па и ова“ и слични такви работи. Никој не треба да чувствува вина затоа што не му е добро во моментот, а уште помалку треба некој друг да му ја набива.

Овие разговори не се пријатни и нормален е нагонот да одглумите оптимизам и еуфорија, но да си знаете дека тоа воопшто не му користи на оној кој во моментот страда. Така што, следниве фрази и реченици треба да избегнувате да ги кажувате на оние што собрале храброст да се отворат пред вас:

„Со тек на време ќе помине“

Или „Времето лечи се“, или „Ќе се навикнеш“. Има вистина во ова, затоа што навистина поминува со тек на време. Ама, во моментот кога некој е во „најжестокиот“ дел од страдањето, ова не треба да го кажете. Времето лечи, но не е единствениот начин на надминување на проблемите. И тој што не се чувствува добро точно знае дека за месец, два, три ќе биде подруго, но му треба малку поттик, поддшка и емпатија точно во овој момент, за да може полесно да го дочека утрешниот ден.

„Сè ти е во главата“

И ова е технички точно, бидејќи најголем дел од овие проблеми потекнуваат од тоа како ги перцепираме. Но, да се обидувате да утешите некого со ова, баш и не оди. Ако упорно го повторувате ова, нема да им олесните, напротив, ќе почнете да им набивате чувство дека навистина нешто не е во ред со нив, притоа обезвреднувајќи ги нивните емоции и правејќи го муабетот удобен и пријатен само за вас.

„Проба ли да се помолиш?“

За бизарноста на ова нема да коментирам понатаму.

„Не е толку лошо колку што ти се чини“

Како и „Отспиј денеска и утре размисли со ладна глава“, овие реченици како да алудираат дека тие си ги преувеличуваат проблемите и треба да бидат среќни, бидејќи има луѓе на кои навистина им е полошо (неизоставно се спомнуваат сиромашни, гладни, боси…). Можеби од ваша перспектива не е крај на свет, но тој кој пати ќе полуди од нервоза и разнишана самодоверба, па ваквиот ваш коментар е во најмала рака, целосно непотребен.

„Ова е само фаза“

Многу луѓе се уверени дека менталните проблеми се измислени и тој свој став го наметнуваат на секој можен начин, што дури и предизвикуваат чувство на вина и ги одрекуваат хемиските и биолошките процеси кои се случуваат во телото притоа. Не бидете игнорантни во однос на проблемите на вашите блиски, не се само фаза. Ако некогаш се свртат нештата и вам не ви е добро, а другарката ти вика дека ќе помине за некој ден, нема да ти биде сеедно.