Чизми, чевли, патики све ми е извадено надвор мислиш стоногалка живее овде

Себесаботажа како глупо хоби

Затоа што сите си ја правиме

Покрај потребата од храна и вода, секој од нас има потреба и да припаѓа некаде, да биде прифатен и да биде сакан. Во целиот тој процес, забораваме дека сами себе сме си најдобар пријател и стануваме свој најлош душман.

Некои би рекле дека тоа е затоа што не се сакаме себе доволно и не сме свесни за тоа колку вредиме. Јас би рекла дека се сакаме и знаеме колку вредиме, ама во даден момент, поради одредени фактори, забораваме на тоа. Понатаму, тоа ни влијае врз сè што правиме, полоши сме на работа, не се грижиме за себе, забораваме да го правиме она што не усреќува и дур да трепнеш, веќе сме се саботирале толку пати, што дури и сме се навикнале да ни биде лошо.

Влијание врз тоа имаат и луѓето околу нас, кои нè спречуваат да го направиме она за кое што сме добри, бидејќи мислат дека не е безбедно. Секако, ги има и тие кои со задна намера ќе ве убедуваат дека е подобро да останете кај што сте и дека ако направите чекор внатре, бегате од комфорната зона.

Најчеста причина зошто си го правиме тоа е дека се плашиме дека сме добри донекаде и дека натаму не можеме. А знаете што? Сите можеме. Колку одите нагоре, станува тешко, ама не и невозможно, за да вреди да се откажете, освен кога гледате дека она што го вложувате не ви е исплатливо и ве прави несреќни, наместо да ви носи задоволство.

Најголема грешка е задоволување со просечност. Тоа е резервирано за луѓето со ограничени можности. Многумина прифаќаат просечност за да бидат дел од голема толпа, бидејќи натпросечноста не им е сфатлива на сите. Но, ако знаете дека можете повеќе, не се задоволувајте со оваа припадност. Не прифаќајте нешто што не одговара на вашите принципи и верувања, само за таа маса да ве прифати. Бидете со квалитетни луѓе околу себе, кои не ви ги оспоруваат достигнувањата, туку ве мотивираат да идете погоре.

На вас е да го надминете стравот од отфрлање, критика и од тоа да бидете повредени. Стравовите се тие кои го кочат секој прогрес. Не се водете од логиката дека ако не успеете, губите. Не е така, бидејќи и да сте изгубиле нешто сега, тоа всушност ви отвора простор за повеќе да добиете во иднина.

Немате потреба да импресионирате никого, освен самите себе. Единствени кои се грижат за вас се луѓето кои безусловно ве сакаат. Не бидете како оние кои се очајни да бидат забележани по секоја цена. Бидете стабилни и самоуверени, без себепреценување, туку целосно реални за тоа колку можете и како можете. А можете многу, сè додека тоа не значи да отстапите од себе и од тоа кои сте.

Секој во даден момент ќе сфати дека ги убивал своите потенцијали и шансите за напредок. Останува да се надеваме дека самите нема да си го направиме тоа. Останете вие лојални на своите вредности, кои ве дефинираат како личност и не дозволувајте ограничувањата да ве спречат во она што знаете дека можете да го постигнете и да бидете добри во него. Имаме уште краток период да бидеме сами со себе и да ги преиспитаме нештата. Карантинов ни дава втора шанса на сите, да сфатиме каде згрешивме кон сами себе и тоа да го поправиме веднаш штом животот ќе се врати во нормала. Не е невозможно, треба само да сте свесни за тоа и да го сакате.