Вие сите што правите анализи на туѓи животи .. да ви оставиме и крв и мокрача?

Топло-ладно ама не колачето

Измешани сигнали и останати финти

Сигурно сте запознале веќе некој што практикува топло-ладно начин на комуникација. Забавна игра за внимание само за тој што ја практикува инаку прилично глуп начин на манипулација. На почетокот кога ќе ги запознаете овие луѓе сé е многу лесно, тие многу често ве контактираат, пораки на неколку саати за да остават впечаток дека се заинтересирани за вас, излагање сами или со друштво, многу заеднички работи, едноставно тие сакаат сé што вие сакате апсолутно оставаат впечаток на сродна душа. Комплименти, љубовно бомбардирање и внимание е нивното оружје во првите неколку недели. Но, кога ќе видат дека веќе ве освојуваат почнува играта.

Средбите веќе не се толку чести, пораките се сé поретки, а одговорите се кратки. И тука е моментот кога треба да ја препознаете играта и да се повлечете, да си најдете друга занимација и да си продолжите со животот. Ама тоа најверојатно нема да се случи и тоа не дека сте наивни. Поради измешаните сигнали кои ги добивате , кои најчесто се „не“ ама тоа ќе го сфатите на потешкиот начин, вие ќе влезете во фаза на преиспитување на сите работи што се случиле. Ќе ги препрочитате сите пораки, ќе се сетите на сите средби, ќе анализирате што зборевте и како се однесувавте. Тоа ќе ве доведе до еден психолошки стрес. За да биде бељата поголема вие за да излезете од психолошкиот стрес ќе одлучите да си побарате затворање на оваа ситуација ама ви фали некој елемент за да направите затворање (наоѓање одговори и информации за објаснување на проблемот кој не ви е целосно јасен). Всушност ви е пред очи цело време ама и тоа ќе го сфатите на потешкиот начин. Барајќи начин како да завршите со ова, притоа сé уште ликот ви фрла трошки од комуникација да ве држи заинтересирани но не е како порано, вие најверојатно ќе се одлучите елементот кој ви фали за затворање да го идентификувате со тоа дека сигурно му се свиѓате ама нешто или некој го има дефокусирано и тука се прави кобната грешка ако вие решите да го враќате вниманието на топло-ладно ликот. Ако се навратите малце ќе сфатите дека анализирањето, трудот и вниманието кое сте го посветиле во неговата „ладна“ фаза траат повеќе од „топлата “ фаза. Реално ликот може да ве држи топло неколку недели, а потоа вие со месеци да се обидувате да сфатите што се случува.

Тоа што се случува е нешто на кое треба да поработите на себе, ликот е комплетно небитен, тој е само тригер. Апсолутно не треба да дозволите туѓо однесување да влијае на вашето расположение. Односот на другите луѓе најчесто нема врска со вас, има со нив. Имајте контрола врз себе, фокусирајте се на себе и не дозволувајте нешто што доаѓа одеднаш и еуфорично да ве понесе без да се замислите малце. Ако имате контрола врз себе, ако го препознаете патернот на топло-ладно ликови, ако успорите во „топлата“ фаза, полесно ќе се заштитите од овој стрес.

А ликот? Ликот е слаб со самодоверба, му треба константна валидизација и тоа го добива во „ладната“ фаза кога неговиот таргет е веќе конфузен и почнува да го опсипува со комплименти, ранење суета, дигање на егото и посветување внимание кое е скоро исто како тој што го прави во „топлата“ фаза ама сега улогите се сменети. Во „топлата“ фаза сака да си докаже дека е добар освојувач. Нема тука никакви измешани сигнали, луѓето кои прават топло-ладно всушност не знаат точно што чувствуваат за вас, немаат никакви планови со вас, а личности за љубовно бомбардиње имаат по неколку во секое време. И додека ова го читате тие имаат нов таргет кој за две недели ќе влезе во истата група со сите останати во „ладната“ фаза, тоа е нивната потреба за да си докажат дека вредат и дека се посакувани. Реално се само површни ликови кои знаат да комуницираат само на овој начин и тоа неколку недели. Овие ликови немаат ниедна релација во животот која трае подолго или е подлабока.

Опасноста од топло-ладно однесувањето е нешто кое треба да го спречите кога ќе го препознаете. И доколку некогаш ваквите ликови се вратат кај вас во циклусот на барање внимание, најпаметно е да сте ладни. Бидејќи не се враќаат затоа што сфатиле дека сте вие нешто посебно, се враќаат бидејќи нема нов таргет, па ги освежуваат старите играчи од „ладната“ фаза кои никогаш и не беа откачени засекогаш. Им се фрлаа трошки внимание од време на време да бидат во кондиција ако притребаат, кога нема ништо ново на повидок.

Сакајте се себе и запамтете: Ако не сте сигурни дали е ДА или НЕ, тогаш е НЕ!