Не сакам големи обврски во животов ко маж, деца, усисавање по дома или станување секое сабајле…од обврски сакам само да одам да вадам кеш.

Ако некого сакаш, пушти го да си оди – ама не баш

Малку го имаме утнато толкувањето

Фразата „Ако некого сакаш, пушти го да си оди“ се врти по споменари, мотивирачки текстови и слични содржини откако постојат поговорките како концепт. Всушност, сето ова време ние луѓето пристапуваме многу погрешно на оваа фраза, бидејќи, зошто да се откажеме од нешто што сакаме? Кога сакате нешто од продавница си го купувате, така?

Во врската е малку поинаку, не е исто ко купување на пример облека или храна, но за некои односи вреди да се обидете да се борите и да не се откажувате предвреме. Кога некого сакаме, не треба да бидеме себични, туку да се вложиме себе безрезервно (или до тој степен колку што мислиме дека е фер да се вложиме), но и да не си припишуваме вина доколку со другата страна не сме на иста бранова должина.

Да, многупати можеби и требало само малку повеќе да се потрудиме од вообичаено за некоја врска или пријателство да не пропадне. Тоа не значи дека треба да ги врземе за себе, туку дека треба да им дадеме шанса да растат и да станат подобри покрај нас. Ако и понатаму не ја бива, ќе пораснат и ќе бидат подобри за некој друг и тоа „воспитување“ кое сме го направиле реално, не е ни залудно. Во исто време, и ние самите учиме да бидеме подобри и потрпеливи и стануваме подобрена верзија од себе, па макар и за следниот.

Пуштањето некој да си оди не е во буквална смисла да го оставите на пат или да го избркате од дома. Вие всушност тоа треба да го разберете дека ги ослободувате, им дозволувате да пораснат и дури тогаш гледате дали тоа во кое ќе се претворат ви одговара вам или не. Кога некого пуштате да си оди, одлуката дали ќе се врати назад е кај вас, што е спротивно на она што сме го сфатиле поради преискористеноста на фразата. Значи, ако сакате некого, ослободете го, а потоа одлучете дали сакате да останете со таа нова верзија од нив. Звучи доста поразлично од тоа да ги чекате да се вратат, зарем не?

 

Кога ќе ја ослободите таа личност, очекувајте малку да ве боли одлуката. Но, по многу кратко време ќе знаете дали тоа ослободување било во ваша корист или не. Кога гледате дека врската шкрипи и тера во лош правец, тогаш не ослободувате никого, туку самите си одите и почнувате да се фокусирате на себесакање и подобрување на вашиот карактер.

Вистинската љубов е ослободувачка, а не заробувачка. Исто како што вие не сакате да бидете роб на врската, не сака да биде ниту другата засегната страна. Дишете длабоко и не велете „Збогум засекогаш“, туку само во себе повторете „До следно гледање“. Многу полесно ќе преминете преку сè на тој начин, дури и преку крајот на врската.