Ова кафичиве шо се научија да ставаат слики од гостите многу заебано за овие шо излагаат со швалерките

Вистинските пријатели се злато

А лажните сами се издаваат

Велат дека кога го имаме вистинскиот партнер покрај себе, животот почнува да ни оди подобро. Јас би рекла дека да ги имаш вистинските пријатели околу себе е уште подобро, особено оние за кои вреди да одвоиш дел од своето време, да посветиш енергија и да не очекуваш нешто за возврат.

Љубовта која ја учиме уште од деца, емпатијата и грижата за другите, ни помагаат лесно да сфатиме кои луѓе треба да ги задржиме, а кои да ги држиме понастрана од себе. Од овде, доаѓаме до моментот кој ќе ви покаже кои луѓе се лажни и безвредни и за кои не треба да вложувате веќе ни секунда од своето време.

Понекогаш, довербата која ја даваме по малку и нè прави слепи за реалната ситуација, бидејќи сакаме да веруваме дека добиваме барем малку од она што го даваме. Во вакви моменти, партнерот или членовите од семејството можат пообјективно да ги согледаат нештата и да нè предупредат за некого – а најинтересно е кога ќе излезе дека биле во право, додека ние не сме можеле да забележиме ништо.

Лажните пријатели ќе ги препознаете тогаш кога ќе бидете навистина среќни, бидејќи нив ќе им пречи вашата среќа. Ќе се покажат и кога ќе ви биде добро, бидејќи тие знаат да бидат „поддршка“ само кога ви е лошо, а всушност тоа ги исполнува и прави да бидат среќни бидејќи некој друг не е. Различни луѓе запознаваме во различни фази од нашиот живот, а реалноста е дека не сите тие ќе останат. Некои сами ќе си заминат, бидејќи вашето созревање не им одговара. Други ќе ве набљудуваат оддалеку и ќе се ситат кога ви е лошо. Трети се тука за да видат што може да се искористи од вас, за да добијат некој личен бенефит.

Не е страшно да имаш двајца пријатели во животот, сè додека знаеш дека ти вредат злато. Ќе имаш моменти во животот кога ќе се чувствуваш најлошо во своја кожа, а токму во тие моменти безвредните луѓе го покажуваат своето вистинско лице. Сосема е нормално вашиот живот да се менува. Вистинските пријатели ќе бидат со вас во целиот тој процес, ќе ви понудат помош или барем поддршка во носењето одлуки, а оние минливите ќе поминат само со „ти најубаво знаеш“ или „тоа е твоја работа“. Навистина е твоја и навистина ти најубаво си знаеш, но кога имаш поддршка, знаеш и дека ќе имаш на кого да се потпреш ако нешто се смени.

Не можеме секогаш да бидеме најпаметни во носењето одлуки и избирањето луѓе со кои сакаме да се дружиме, но она што можеме да си го дадеме е доволно време да процениме кои се битни и вредни, а кои не. Затоа, со никого не се залетувајте со 100% доверба. Дадете само мал дел, а потоа дозволете текот на нештата да покаже како сето тоа ќе се развива. Да, дури и за оние пријатели кои не ги сметате за многу блиски важи ова.