Не сум Нина Спирова ама молчи, молчи!

Да видиме што е „doomscrolling“

Да поднаучиме нешто

Најдов уште еден збор за кој буквален превод засега немаме, ама препознав дека и јас сама, а и многу околу мене го применуваме.

Се работи за она панично и опсесивно заглавување на социјални мрежи и сајтови и апликации со новости, особено изразено во вечерни часови, пред спиење. Со почетокот на пандемијата, зеде посилен замав и со оглед на тоа колку време поминувавме и уште поминуваме дома, голем дел од него го посветуваме токму на страшни, тажни и лоши вести, знаејќи дека ништо не можеме да промениме.

Sonder wellness therapist therapy doomscrolling person scrolling through news feed on phone and laptop

Ковид-ситуацијата донесе многу тажни и сериозни приказни поблиску до нас. Често и самите бараме одредени одговори на прашања што ги имаме, па „заглавуваме“ уште подлабоко во најлошите можни сценарија. Но, не е само коронавирусот. На пример, дознаваме некако за некој случај на убиство. Потоа ги пребаруваме сите вести. Па читаме сведоштва на семејството. Нивните исповеди, емоции, спомени… Ние немаме ништо од тоа, ниту па нив им помагаме, но во моментот кога ќе се освестиме, веќе сме искликале барем 10 линкови поврзани со темата.

„Doomscrolling“ што води до здравствени проблеми

Посветувањето пола ден на вакви работи е здравствен проблем само по себе, но изразената консумација на овој тип на содржини може да доведе до анксиозност, бес, лутина, депресија, гнев насочен кон некој непознат, незадоволство, чувство на несигурност и недоверба дури и во својата способност да се заштитиме од опасности. Според одредени сознанија, луѓето кои се „закопани“ во ваквиот начин на информирање многу често ги насочуваат своите нерви и внимание кон нешто тривијално, занемарувајќи ги своите реални грижи.

Во светот се случуваат лоши работи и тоа не можеме да го промениме, ниту пак некако да влијаеме, особено ако е на друг континент. Сосема е непотребно самите да трошиме нерви и енергија на нешто врз кое немаме никакво влијание. А и знаете веќе како работат тие „cookies“ кои ги кликаме „yes“ цело време – тие истите потоа ви сервираат слични фрустрирачки содржини, до степен да речете „Па добро, имало и полошо од моето“.

Има, ама не е ваш проблем. Интернетот е моќна алатка, но ние луѓето сме попаметни од тоа. Имаме милион опции, меѓу кои и филтрирање на содржините кои ни се појавуваат на социјалните мрежи и во резултатите од пребарувачите. Во денешно време сме изложени на ова сервирање информации повеќе отколку што сакаме, а на нас е да го „прекроиме“ сето тоа и да најдеме совршен баланс меѓу објективното информирање и грижата за сопственото ментално здравје.