Мојот бивш може први април да си го земе за куќна слава!

Кога ќе ти запре мислата од никаде

Што е тоа и како да се „излечи“?

На англиски оваа појава е позната како brain fog, некои ќе ја наречат и brain fart, тоа е кога среде мисла губиме фокус на мислата, бега концентрацијата, не можеме да се сетиме што зборувавме, ниту да се фокусираме на она што соговорникот го кажал.

Не дека е нешто екстремно страшно, но ако се повторува периодично, а тие периоди се намалуваат со тек навреме, па се случува дури и во текот на денот неколкупати да ја почувствуваме оваа магла, треба да видиме кај тераме. Уште поинтересно е што детали од тој разговор може да се појават подоцна, дали истиот ден, а можеби и неколку дена, па да не ви е јасно каде сте биле и што сте правеле всушност додека тоа било тема на муабет.

Што всушност се случува?

 Ова е генерално нормална појава на дупка во сеќавањето или прескокнувања во текот на мислата и концентрацијата. Луѓето кои имаат потежок проблем ја опишуваат појавата како магла или облаци, а и колку пати ви се случило да речете за нешто „како низ магла ми е“? Е па тоа!

Во ваква ситуација не можеме веднаш да одговориме соодветно, ни треба повеќе време мозокот да испроцесира, а со тоа и да смисли соодветен и логичен одговор. Работата на мислите привремено трокира и оди потешко да пребаруваме низ фајловите со зборови, реченици, мисли и податоци. Дури и во медицината појавава е позната како ментална или мозочна магливост. Тие неколку секунди се опишуваат дури и како делириум.

Кои може да бидат причините?

Причините може да бидат многу, почнувајќи од најобично и безопасно губење концентрација, па сè до последици од стрес и траума. Некогаш и субјективното чувство на повреденост и трауматизираност влијае, бидејќи не мора да имаме психолошки или психијатриски наод за да знаеме дека некој настан од минатото нè повредил и ни оставил последици.

Смрт во семејството или на милениче, раскинување, развод, несреќа, повреда, елементарна непогода, губење на драг предмет, преселување во друг стан или град… Сè што прави да се чувствуваме тажно и некомплетно во моментот. Овие настани влијаат врз нас, колку и да сме теоретски јаки. Некои нешта ги потиснуваме, но нашиот мозок е феномен каков што е – знае да ги повика сеќавањата и емоциите во моменти кога најмалку ни треба тоа. И тогаш не перцепираме ништо, во тој критичен момент.

Постојат и други случаи, на пример кога овие привремени магли се случуваат како последица на повреда на главата или пак, поради земање одредени лекови кои може да влијаат врз концентрацијата. Дури и балансот на хормоните може да влијае врз одредени центри во мозокот.

Помалку страшните работи се на пример, ако сте дехидрирале или подолго време сте гладни, па мозокот е фокусиран на сè друго, особено можностите да искористи резерви за да се надополни и нахрани, како и да ја обнови енергијата, наместо на она што се случува.

Што може да помогне?

Освен ако се работи за здравствен проблем, кога мора да помогне лекар или терапевт, во останатите случаи е добро, секако, да бидете физички активни, да спиете добро, да ги внесувате сите важни нутритивни состојки преку храната, ако има потреба да дополните со суплементи, ако сакате дури и можете да медитирате, за да си помогнете во одржување на фокусот.

Како што рековме, ако се случува ретко и можете да си го објасните со замор, глад или жед, не е толку страшно. Важно е да следите кога најчесто се „замаглувате“, за да бидете во можност, ако треба, да побарате помош.