Познавам луѓе што издале книга, не познавам такви кои вратиле позајмена!

Плаши се од жените чија доверба си ја искористил

Труман Капоти и неговата најголема грешка

Застрашувачки афери, социјални омаловажувања, па дури и убиства го сочинуваат бомбастичниот скандал што го вознемирил њујоршкото општество со објавувањето на делото на Капоти. Тој бил близок пријател и доверлив човек на најгламурозната елита во Њујорк во 1960-тите и 1970-тите и решил да ги објави најдлабоките и најмрачните тајни на неговите другарки за статија на Esquire од 1975 година со наслов „La Côte Basque 1965“. Колку глупо и непромислено.

Другарките на Капоти биле џет-сет дами од највисокиот круг во општеството, сопруги на мажи на високи позиции и милионери, гламурозната елита на Њујорк: Бејб Пејли, Слим Кит, Ли Раџивел и Луси Даглас, а серијата „Феуд“ ги следи пред, за време и по падот. Оговарањата, поради изнесувањето на приватните детали на оваа елитно друштво жени, прераснале во потсмев од луѓето кои до тогаш ги обожувале. Хаос во општеството. Вистинска драма за еден манипулатор и неколку осамени жени кои решиле да имаат доверба во него. Не знам што му требало тоа, кога сите знаеме дека е многу погрешно да се зезаш со група моќни жени.

Во Феуд, Труман Капоти (го глуми Том Холандер) има пристап до еден од најексклузивните кругови во светот – џет-сетот на Њујорк. Писателот, кој и самиот стана вистинска славна личност со извонредниот успех на „Појадок кај Тифани“, се зближил со кремот на Њујорк од тоа време и стекнувајќи ја нивната доверба и давајќи им впечаток дека им е посветен и доверлив пријател ги дознавал нивните тајни, скандали и слабости. Тој уживал во влијанието преку гламурозната елита, другарките кои со љубов ги нарекувал „лебеди“ и нивните моќни и богати сопрузи.

Имал притисок да објави нова книга, но имал проблем со инспирацијата. Борејќи се со писателскиот блок и разни проблеми, вклучително и токсична врска па сето тоа зачинето со дрога и алкохол, Капоти го минирал својот социјален живот за инспирација – самоуништувачки објавувајќи ги сите тајни на високото општество со текстот „La Côte Basque 1965“, извадок од неговиот претстоен (и кој никогаш нема да биде завршен) роман, кој бил објавен во Esquire во 1975 година – и го предизвикал општествениот хаос. Текстот навистина бил шок во њујоршкото општество, при што неговите најблиски другарки се препознале себеси и нивните најмрачни тајни, што довело до брза реакција – и негов егзил од елитните кругови на високото општество. Гоустинг на гламурозен начин. Комплетно бришење од високите кругови, никаков простап до џет-сет местата, никаков контакт со елитата. Станал небитен за високите кругови на Њујорк.

Иако сите лебеди на Капоти се гламурозни и моќни, Бејб Пејли (ја игра Наоми Вотс) е главна во друштвото. Во реалниот живот, Пејли владела над елитната сцена во Њујорк од 50-тите години до нејзината прерана смрт од рак на белите дробови во 1974 година. Родена како Барбара Кушинг, ќерка на истакнатиот неврохирург Харви Кушинг, во 1940 година се омажила со спортистот и маркетинг директор Стенли Графтон Мортимер Јуниор, потомок на Џон Џеј, еден од првите американски главни судии и потписник на Декларацијата за независност. Се развеле во 1946 година.

Откако се преселила во Њујорк, Пејли почнала да работи како моден уредник на Вог во 1938 година, позиција на која останала до нејзиниот втор брак со медиумскиот магнат Бил Пејли во 1947 година. Беспрекорниот и трендовски стил на Пејли помогнал да се дефинира како трендсетер и модна икона во Њујорк, таа била на меѓународната листа за најдобро облечени дури 14 пати пред да биде примена во Модната куќа на славните во 1958 година. Според Vanity Fair, Пејли дури и прецизно го испланирала својот погреб, сè до цвеќињата и виното, рачно избирајќи парчиња од нејзината колекција накит што ќе им ги даде на пријателите и семејството по нејзината смрт. Нејзиниот строго контролирачки и ексцентричен карактер бил дел од нејзината привлечност.

Пријателството на Пејли со Капоти почнува во 1955 година и брзо станале неразделни, а Капоти се поставил како заштитник за емоционалната интимност што недостасувала во бракот на Бејб, бидејќи маж ѝ бил комплетно нелојален и ја изневерувал со многу жени. Две децении Капоти ги дознавал тајните и најдлабоките мисли на внимателната Пејли која се трудела да остане достоинствена и горда во општеството.

Капоти бил занесен со Пејли, особено со нејзината убавина и влијание. Во еден запис во дневникот, тој напишал за неа: „Госпоѓа П. имаше само една грешка: таа беше совршена; инаку, таа беше совршена“. Нивното пријателство ненадејно завршило или со други зборови Бејб го избришала од животот во 1975 година, откако тој го објавил „La Côte Basque 1965“, навидум римски портрет на тајните на њујоршкото високо општество што стави два лика „Сидни и Клео Дилон“ во центарот на драмата. Во написот, најголемиот скандал на социјалната сцена е озборувањето за една ноќ што Сидни Дилон, медиумски магнат, го има со сопругата на гувернерот на Њујорк, што резултира со дамка од менструална крв на белите чаршафи од неговиот кревет – што навистина се случило во бракот на Бејб. За таква приватна личност како што е Бејб, откривањето на нејзиниот брак било најбедно предавство, особено затоа што и бил дијагностициран рак на белите дробови една година пред текстот и Капоти знаел дека се мачи со хемотерапија. Го гоустнала и не сакала да чуе веќе за нејзиниот пријател со кого дружеле 20 години.

Слим Кит (ја игра Дајан Лејн) е најрасположениот лик од лебедите, најтврдоглавиот и комплетно посветен на огорченоста на Капоти по објавувањето на „La Côte Basque 1965“. Кит била блиска пријателка со Британското кралско семејство па понекогаш раскажувала некои случки од нејзините посети во дворецот. Родена како Мери Реј Грос, од Калифорнија, се занимавала со манекенство во раните години. Таа била позната по нејзиниот спортски и лежерен стил и нејзините холивудски љубители, вклучително и нејзините први два брака со режисерот Хауард Хокс и продуцентот Леланд Хејворд и гласините за заљубување со Кларк Гејбл и Ернест Хемингвеј. Нејзиниот трет и последен сопруг бил британскиот банкар Лорд Кенет Кит, кој на Слим и ја дал британската титула Ненси Лејди Кит.

Луси Даглас (ја игра Клои Севињи) е единствениот лебед кој продолжува социјално да се дружи со Капоти по објавувањето на „La Côte Basque 1965“ – што, како што итро забележува Слим Кит, е лесно бидејќи „не беше спомната во проклетата статија“. Родена како Луси Кокрејн русокосата била забележана по тоа што е успешен коњаник, познат градинар и муза на некои од најголемите уметници од тоа време. Била насликана од Салвадор Дали, Енди Ворхол и Диего Ривера (Ривера ја сликал гола – портретот висел над хотелски бар во Мексико Сити, сè додека не се свршила и не го купил семејството на нејзиниот вереник). Нејзиниот сопруг бил Винстон Фредерик Черчил Гест, поло играч и втор братучед на британскиот премиер Винстон Черчил, а нивната венчавка во 1947 година се одржала на имотот на Ернест Хемингвеј во Хавана, Куба, а Хемингвеј бил кум.

Луси, која Капоти ја опишал како „кул дама од ванила“, ја имала титулата најдобро облечена од Институтот за облекување во Њујорк повеќе пати, а подоцна и примена во Меѓународната најдобро облечена Куќа на славните во 1959 година. Нејзиниот специфичен патрициски изглед, исто така, ја направил миленичка на фотографот Слим Аронс па ја ставил на насловната страница на магазинот TIME во 1962 година, за насловната приказна со наслов „Како е денес во општеството“.

Еден од најблескавите лебеди на Капоти била Ли Раџивел (ја игра Калиста Флокхарт), елитата во елитата и сестра на Жаклин Кенеди Оназис. Во шоуто, Раџивел го презира Капоти по објавувањето на „La Côte Basque 1965“ каде нејзе и нејзината сестра ги нарекува „гејши“. Вистинскиот крај на нивното пријателство во 1977 година е кога Раџивел одбила да сведочи во одбрана на Капоти во случајот за клевета што го покренал против него колегата Гор Видал.

Капоти гледал сојузник во Раџивел, откако ѝ станал близок и доверлив човек со кој може да ги сподели своите најдлабоки несигурности – првенствено, нејзината љубомора што постојано е во сенката на нејзината постара сестра. Иако Раџивел имала амбиции да биде актерка, а исто така се занимавала и со внатрешен дизајн, таа првенствено била позната како врвна џет-сетерка, многу духовита,  жена на полски принц и помала сестра на Џеки О.  Капоти напишал дека Раџивел се натпреварувала со нејзината сестра за мажи, слава и богатство за целиот нивен живот.

Од сите невнимателни приказни што Капоти ги детализира во „La Côte Basque 1965“, Ен Вудворд (која ја игра Деми Мур) можеби го добила најстрашниот третман откако Капоти напишал жестока референца за „Ен Хопкинс“ која ја обвинува за убиство на нејзиниот сопруг. Во реалниот живот, Вудворд била во центарот на скандалот околу убиството на нејзиниот сопруг во 1955 година ама не била обвинета за неговата смрт. Иако Вудворд го убила со сачмарка, таа тврдела дека го помешала со провалник. Никогаш не била осудена.

Капоти и Вудворд не биле блиски, но имале судбоносна и напорна средба што влијаела на нивните животи. Според кажувањата на Монтиљо, во 1956 година, една година по убиството на нејзиниот сопруг, Капоте ѝ пришол на Вудворд додека вечерал во Сент Мориц, нешто и кажал и Вудворд го нарекла геј. Тој ѝ возвратил на навредата со мавтање со прстот кон неа и нарекувајќи ја „Госпоѓа Бенг Бенг“ и често ја озборувал Вудворд со години потоа.

Суровоста на Капоти се гледа во неговата статија каде тој ја клевети за убиство, за што Вудворд дознала и извршила самоубиство три дена пред да биде објавен текстот.

Самоубиството на Вудворд е моментот кога другарките на Капоти веќе знаат дека ќе се одмаздат на најсуров начин за него.

Иако Џоан Карсон (ја игра Моли Рингвалд) не била еден од космополитските њујоршки лебеди на Капоти, таа несомнено била една од најважните жени во неговиот живот, особено во неговите подоцнежни години. Родена во Лос Анџелес, родена како Џоан Коупленд, таа била поранешна сопруга на ток-шоу ѕвездата Џони Карсон. Карсон навидум беше прикажана во „La Côte Basque 1965“ како „Џејн Бакстер“, сопруга на познат водител на ток-шоу кој ја изневерува – но за разлика од другите жени во статијата, Карсон останала близок пријател и сојузник на Капоти, до крајот на животот.

Капоти никогаш не се вратил во џет-сетот на Њујорк. Иако сакал да го заврши неговиот роман, каде овој скандалозен текст е дел, не го завршил. Умрел 1984 година во социјален егзил од елитата, што му било особено тешко.