Јас имав многу долги нозе ама ми ги изедоа комарци

Можеш и да си лежиш и да си вежбаш

За тие што имаме многу за лежење

Кога ќе ви кажам дека сè може да се направи лежејќи, тука мислам и на вежбањето. И не една, туку вежби за цел тренинг можете да направите во кревет.

Не секој има желба и елан да се препотува, ама тие што решиле да го прават тоа, еве им и дополнителни вежби, нема да треба ни да станат од кревет за тоа.

  1. Вежби за зглобови

Додека лежите, поткренете ги малку нозете и вртете ги зглобовите, прво во правец на стрелки на часовник петпати, а после обратно. Можете дури и да повторувате во неколку серии. Викаат ова позитивно влијаело врз подмачкувањето на зглобовите.

  1. Вежби за колена

Како што си лежите и гледате серија, свиткајте ги нозете и подигнете ги, па правете замислени кругови со врвовите на колената. Ако ви треба стабилност, придржете се со рацете. Секако, повторете во серии, колку можете, толку.

  1. Вежби за раце

За оваа вежба многу е битно да легнете на грб, да гледате кон таван и да ги исправите рацете под прав агол со телото. Пак правете кругови со дланките, вртејќи од лево кон десно, па нели, обратно.

  1. Пишување во воздух со нозе

Користете ги ножните прсти за во воздух да го испишете своето име. Тие што се викаме Ина полесно ќе поминеме, мислете му ја вие што имате имиња подолти од пет букви.

  1. Легни-стани

Исто како да правите на гимнастичарски душек, само што во овој случај ќе биде полесно. Најбитно во оваа вежба е да ги ангажирате сите мускули за да се исправите, а потоа и да станете од кревет. Не се секирајте, можете веднаш да се вратите.

  1. Модифицирани чучњеви

Е оваа вежба е малку потешка. Застанете покрај креветот и почнете да седнувате, ама во моментот кога ќе почувствувате дека задникот го допира, исправете се. Повторете колку ви се може, нормално.

  1. Лежечки Супермен

Легнете фино на стомак и скроз истегнете се, со рацете исправени нанапред и малку подигнати. Почувствувајте затегање во грбот, задржете 10-20 секунди и ако сакате, повторете.

  1. Радосно мафтање со раце и нозе

Треба да лежите на грб. Исправете раце и нозе нагоре и произволно правете движења, додека да почувствувате затегање во зглобовите.

Гледате? Се се може ако се сака.