Колку и да градите катни гаражи Бемвето се паркира во кафичот

Нема полошо од „можеше и полошо“

Можеше, ама не е

Ние луѓето сме чудо – ќе ни се случи нешто лошо и наместо да се избориме, да го средиме, се тешиме дека можело и полошо. Да, сигурно можело, ама не е и мора да се справите со ова сега и тука.
Секогаш инстинктивно ни доаѓа да си го речеме тоа или да се тешиме со слични изговори од типот „барем имам работа“, „барем сум во врска“, „бетер од мене се“, но не можам да разберам како на некои луѓе таа утехам им е доволна. Стратегијата за вака да се носиме со проблемите не е добра. Да, има полошо од вашето, но тоа не го прави вашето добро, напротив.
Обидот да го исконтролирате стресот е за поздрав, навистина, а и треба да бидеме благодарни за тоа што го имаме веќе. Но, задоволување со просечност, знаејќи дека можеме многу повеќе од тоа, кај мене, извинете, но не поминува.

Ваквиот став ве тера да мислите дека има луѓе кои се повеќе вредни од вас, кои заслужуваат повеќе од она што вие го имате, па дури и на ваша сметка. Но, тоа не е вистина. Да бевме сите исти, можеби и ќе поминеше некако. Сепак, секој од нас си го креира животот на каков начин и да му одговара.
Навистина ми е жал за оние кои се свесни дека нешто не е добро за нив, а се тешат дека барем тоа го имаат. Партнер кој не ви одговара? „Барем имам некој“ или „барем не сум сама“ не е одговор. Ужасна работа? „Барем имам работа“? Ќе ве молам! За ситници и трошки секој знае да се фати, а јас сум сигурна дека во секој од нас има многу повеќе потенцијал од тоа.
Обидете се да ја најдете причината зошто избирате просечност и покрај вашиот потенцијал за многу повеќе. Ќе се изненадите што сè сте способни да направите за да имате натпросечен животен стил и да не бидете од оние „остај има и полошо“ луѓе кои тапкаат во место, затоа што им е страв да направат нешто повеќе со себе.