Он сакаше да одиме во Охрид, јас во Дојран. Но, секоја врска бара флексибилност па се најдовме на пола пат. Ќе одиме во Дојран.

И со здрава храна се претера

И има име за тоа

Кога налетав на зборот „орторексија“, не ми беше јасно за што станува збор, иако веднаш сфатив дека се работи за некакво нарушување со исхраната.

И нормално, знам за луѓе кои опсесивно јадат благо, кои не можат да запрат со брза храна, кои постојано пијат газирани сокови, но никогаш не можев да замислам дека некој би можел да биде опседнат со здрава храна.

Сфаќам, многумина се перфекционисти, особено кога е физичкиот изглед во прашање. Но, што се случува всушност кога некој се наоѓа во состојба на орторексија.

Здрава храна како нездрава навика

Многупати не ни е јасно што е здраво, а што не е. Дали некој кој нема проблеми со алергија на глутен треба да избегнува храна со глутен? Дали треба да пиете растително млеко, дури и ако лактозата не ви создава никаква реакција? Дали еден чиа пудинг е навистина доволен за појадок?

Нашето тело е чудо. Ако почнете да го слушате, ќе забележите дека всушност често ни испраќа јасни пораки за тоа што му е потребно. Па, така вашата опсесивна потреба за парче чоколадо значи дека ви треба брзо покачување на шеќерот. Ако чувствувате необјаснива потреба да изедете нешто млечно, можеби треба да проверите како стоите со калциумот.

Но, ако постојано за појадок пиете смути, потоа јадете чиа пудинг, па интегрални житарици и нискокалорични салати, време е да се запрашате што всушност постигнувате со тоа.

Ако не уживате, ако сте изморени, ако имате вртоглавици и болки во коските, па дури и сте раздразливи, можеби причината треба да ја најдете во тажната храна што ја јадете. Да, навиката да се храните поздраво воопшто не е лоша, но тоа не значи дека јогуртот мора да биде нискомаслен или оризот интегрален.

Она кога храната ве контролира

Луѓето се оние кои контролираат каква храна јадат, какво масло користат во салатата и дали ќе порачаат пица со пршута или со маслинки. Мора да знаете дека не смеете да бидете несреќни поради вашите навики за исхрана.

Секако, храната најпрво ви треба за да имате енергија и добро здравје. Но, ако сте нервозни пред секој оброк и никогаш не се чувствувате заситено, можеби орторексијата е она кое ве мачи.

Читав за случај кога девојка до толку се опседнала со здравата храна, што на крајот завршила во болница со недостаток на калциум, на електролити, дехидрирана, со органи кои работат со последни сили.

Она што секогаш го повторувам е дека во храна се ужива, а дури и мамење не е страшен криминал. Во принцип, избегнувајте ја процесираната храна и онаа која ви создава какви и да се здравствени проблеми.

Ако се доведете во состојба на орторексија, многу е веројатно дека ќе треба да почнете да се враќате на нормална храна правејќи бебешки чекори.

А орторексијата? Психолозите и психијатрите ја сметаат повеќе за опсесивно-компулсивно однесување, а делумно и нарушување во исхраната. По мое, таа припаѓа на двете групи. Можеби е повеќе слична со анорексијата, со тоа што не е исклучена целата храна.

Се што е здраво веќе не е, во моментот кога станува ваша опсесија. Дозволете да го научите ова и ќе почнете да развивате поздрав однос кон храната.

А доколку не можете, побарајте помош, пред да направите неповратна штета на своето здравје.