Ги остаив цигарите. Сеа припалувам само со прво кафе, после јадење, со алкохол, пред спиење, после секс и коа ми се пуши

Ниш, ама не градот

Мислам на „niche“

Како некој што сака убаво да мириса цело време, можам да кажам дека имам еден тон парфеми, сите до еден ми се преубави, но откритие на оваа година ми е нешто што се вика „ниш“, односно „niche“, односно тип на парфеми што не се дизајнерски.

Диор, Гучи, Версаче, Каролина Херера, Шанел, сите овие модни брендови имаат предобри мириси, но производството на парфеми не им е основна и единствена дејност. На пример Диор имаат и козметика и облека, Шанел исто така, Картие се повеќе познати по луксузниот накит и сите овие парфеми ги нарекуваме дизајнерски. Има и такви кои ги дизајнираат познати фаци, како Бритни, Кајли Миног, Ким Кардашијан, Ники Минаж, Џеј Ло и еден тон други, а нив ги нарекуваат „селебрити“ мириси.

Што е тогаш „ниш“? Тоа е парфемски куќи со една и единствена специјалност – произведување парфеми (понекогаш и парфимирани лосиони за тело, миризливи свеќи и слично), но основна дејност се само парфемите. Во последно време и познати брендови вадат вакви „ниш“ линии и ги нарекуваат „приватни колекции“. На пример, Том Форд има и комерцијална и приватна колекција на парфеми. Разликата е во тоа што во приватните линии се дозволени нестандардни начини на екстракција на природни мирисни масла, се произведуваат во ограничени количини, а пакувањата се многу често рачно изработени, без никаков недостаток на стаклото.

Во буквална смисла на зборот, „ниш“ линиите се направени од најквалитетни ексклузивни состојки, во ограничен број, па поради тоа и се прилично поскапи од дизајнерските, но тоа не е пишано правило, бидејќи постои и „ниш“ по прифатлива цена. Најпознати вакви брендови се Amouage, Tauer Perfumes, By Kilian, Tiziana Terenzi, Etat Libre d’Orange, Juliette Has A Gun, Mancera, Montale, Nasomatto, Xerjoff, Roja, Nishane, The Different Company, Acqua di Parma и тоа се овие кои ми паѓаат на памет први.

Разликата исто така е што дизајнерските комерцијални брендови мораат да следат стандарди за производство и да не користат забранети состојки, дефинирано со IFRA стандарди, поради загрозеност на некој вид цвеќе, тешка достапност на природни мириси или нивна недостапност поради ризични терени и услови во природата. На друг начин кажано, од 2010 отприлика наваму, користиме парфеми кои според овие стандарди, не вклучуваат природни состојки, туку аромите се добиваат во најголем дел лабораториски.

Дизајнерските куќи често лансираат и приватни или ексклузивни колекции, меѓу кои и Диор, Џими Чу, Шанел, Армани, Долче и Габана, Булгари и нивните изданија се или ограничени или бележани како ексклузивни. Во овие колекции ќе најдете парфеми кои ги следат „ниш“ стандардите, иако се брендирани од позната марка. Тоа е нивни начин и самите да извадат нешто поквалитетно и поскапо.